Без голови и без победник заврши пресметката на Тетекс и Охрид, на теренот со вештачка трева во Тетово, во последната рунда од вториот круг во Втората македонска фудбалска лига-запад.
Во текот на сите 90-ет минути се играше тврд натпревар на средината од теренот, двете екипи имаа по некоја шанса и поделбата на бодовите е најреална.
Охрид подобро го отвори мечот и ја креираше првата прилика. Љупче Трпески најдобро се снајде после скратен корнер, но биеше непрецизно. Во 20-та минута, „рибарите“ ја имаа најдобра прилика на мечот. Роберт Митев прими топка во казнетиот простор, шутираше прецизно, но не успеа да го совлада домашниот голман Петар Митев.
„Штофарите“ пред крајот на првиот дел ја затресија мрежата на Охрид, но погодокот беше поништен поради недозволена офсајд позиција.
Во второто полувреме Тетекс ја имаше топката повеќе во свој посед. Иницијативата ја искористија за две шанси. Првата прилика ја имаше Хусеин Демири, кој со глава биеше покрај голот. Најдобрата прилика за Тетекс ја имаше Борјан Пановски, кој од 16-ет метри упати непрецизен удар во празната охридска мрежа. Охриѓани имаа неколку полуприлики. Ударот на Виктор Наумоски беше лесен плен за домашниот голман, а Аде Мазари биеше во блокот.
Во финишот играта се разгоре, но ниту една од екипите не успеа да создаде шанса за гол и мечот заврши без победник.
Охрид вториот круг го заврши четвртопласиран, а дополнително ќе биде одреден распоредот за третиот и финален натпреваручки круг во Втората МФЛ.
Мх.П.