Фудбалерите на Дрита и Охрид ги поделија бодовите во мечот од третата рунда во Втората македонска фудбалска лига-запад ремизирајќи без голови 0-0.

„Рибарите“ со ремито во Боговиње го освоија петтиот бод на табелата и што е најважно го продолжија низот без пораз во второлигашкото друштво.

После испитувањето на силите и тактичките замисли, прв се закани составот на Охрид. Един Мерсовски беше прекраток и за малку не стигна пред домашниот голман Иван Николовски. Дрита во краток временски период два биеше кон голот на Охрид. Првиот удар од Мусли Љика го одбрани охридскиот голман Никола Симоновски, додека вториот на Јетон Шахини заврши покрај голот. „Рибарите“ првиот дел го заокружија со шансите на Мерсовски и Ромео Кочоски, кои не ја погодија целта.

На стартот од второто полувреме топката во своите нозе ја имаше домашниот состав. Но домаќините не успеаја да направат некоја посериозна прилика за погодок. Првата шанса во второто полувреме ја имаше Охрид. Бурхан Алији после соло-продор откосо биеше а домашниот голман со крајни напори ја исфрли топката во корнер.

Во завршните 15-тина минути од мечот Дрита фрли се на една карта и нападна со сите расположливи средства. Офанзивната игра им донесе две „зицер“ ситуации за погодок. Но голманот на Охрид со две маестрални интервенции ја зачува својата мрежа и донесе бод за Охрид.

Избраниците на Драган Бочески во четвртата рунда на домашен терен го пречекуваат Скопје.

Дрита: Николовски, Мислими, Алији, Шахини (46` Амини, Љика (67` Мифтар), Љума, Балдовалиев, Демири (80` Алиу), Мифтари, Хасан, Алили

Охрид: Симоновски, Цуцули, Маркоски, Ѓорѓиески, Целески (66` Реџепи), Алији, Кочоски (74` Наумоски), Мерсовски (34` Ристески), Ариф, Трпески, Вељаноски.

OhridNews