Според оптимистичките најави на хотелиерите Охрид е веќе распродаден за Новогодишните празници. Големите хотелски капацитети се исполнети речиси 90 %, а интерес има и за приватното сместување.
Во хотелот „Метропол“ дводневен аранжман чини 142, а во „Белви“ 137 евра, а најбројни ќе бидат гостите од Србија, Грција и Бугарија. Во „Инекс Горица“ тридневен аранжман е 199 евра, а во хотелот „Парк“ 129 евра. Во „Гранит“ за дводневен аранжман гостите ќе плаќаат 159, а за тридневен 179 евра. Хотелот „Десарет“ е меѓу поевтините и таму за тридневен аранжман ќе се плаќа 120, а за четиридневен новогодишен аранжман 145 евра. За дочекот на Новата Година цените се движат од 25 до 40 евра.
Туристичките работници се задоволни од досегашниот интерес, пред се на странските туристи. Тие очекуваат новогодишните празници во Охрид да ги поминат околу 10 илјади странски и домашни гости.
И додека хотелиерите го одработуваат својот дел од работата, градот сеуште не ја обелоденува новогодишната програма. Иако е сеуште рано, за македонски прилики се разбира, не се знае кој ќе настапи за Нова Година во Охрид. По минатогодишниот спектакуларен пречек со Каролина и Ареа и прекрасниот празничен амбиент, кој беше прогласен за најдобар на Балканот, годинава локалната е прилично резервирана на тој план. Градоначалникот на Охрид Александар Петрески, неофицијално на една од прес конференциите на Охридско лето пред неколку месеци најави дека би сакал Владо Јаневски да пее во Охрид за Нова Година, но како што дознаваме цената на една од најголемите поп ѕвезди во земјава била превисока за општината. Неофицијално Владо побарал 10.000 евра да настапи за Нова Година во Охрид.
Извори од општината велат дека се разгледуваат повеќе понуди и дека наскоро ќе се знае кој ќе ги забавува охриѓани и туристите за време на најлудата ноќ. Прослава ќе има, но други детали не се соопштуваат, ниту дали и каков новогодишен амбиент се подготвува.
Локалната самоуправа по позитивните реакции од јавноста за минатогодишниот дочек на Новата Година, најави дека тоа е само почеток на една нова, модерна традиција, која треба да привлече голем број туристи и во зимската сезона во Охрид. Една година подоцна таа тактизира и бара поголемо подршка од туристичките работници за организирање на дочекот на Новата Година. Каков Новогодишен амбиент не очекува и што градот ќе им понуди на туристите и охриѓани оваа година не се знае, иако во развиените туристички центри во регионот новогодишната програма е одамна дефинирана.
Горан Момироски