В петок и в сабота спортската арена „Билјанини Извори“ ќе биде ракометен епицентар во Македонија. Втор пат во три години Охрид ќе биде домаќин на најдобрите четири екипи во Купот на Македонија.


Овогодинешното издание на завршниот турнир во Купот ќе биде збогатено со учеството и на охридскиот клуб, а дел се уште актуелниот шампион Вардар, Металург и дебитантот Вардар Јуниор.

– Сакам да изразам голема благодарност до Ракометната федерација на Македонија (РФМ) што ги одбра Охрид и спортската сала „Билјанини Извори“ за организатори на завршниот турнир во Купот на Македонија. Интензивната комуникација со РФМ и останатите спортски федерација во Македонија ни носат голем бенефит за нас како Јавно претпријатие „Билјанини Извори“ и градот Охрид. За што подобра атмосфера и посетеност на мечевите од Купот ние како организатори одредивме популарна цена. Дневниот билет за полуфиналните натпревари ќе чини 50 денари додека билетот за финале чини 100 денари. – рече директорот на Ј.П. „Билјанини Извори“, Ристе Мишев.


Ракометарите на Охрид ќе имаат деби на завршниот турнир во Купот на Македонија, а за противник им се падна бранителот на трофејот, Вардар.

– Ракометарите, стручниот штаб и раководството на клубот потполно го заслужи пласманот во одбраното друштво во Купот на Македонија. Среќата во ждребката не` не посака и ни се падна Вардар, но пак, ние во двата суперлигашки мечеви покажавме дека можеме да се надигруваме. Вардар е голем фаворит не само против нас туку и за трофејот и нам ќе ни преставува огромна чест што ќе можиме уште еднаш да ги одмереме силите. – потенцираше тренерот на Охрид, Горан Андоновски.


Повредата на Иван Тасески е минато додека за мечот со Вардар во полуфиналето неизвесни се бекот Иван Стојановиќ и десното крило Малик Хогас.

Куп возбудувањата во Охрид започнуваат во петок во 17:30 часот со мечот Металург – Вардар Јуниор, а 20 часот ќе се сретнат Охрид и Вардар. Големото финале на програмата е в сабота со почеток во 17:30 часот.

Мх.П.