Ракометарите на Охрид потешко од очекувањата на домашен терен го совладаа Радовиш со 29-25 (13-13) и ја продолжија победничката серија во Супер лигата. „Гладијаторите“, не одиграа на нивото од претходните два натпревари кога исто така победуваа, но носени од искуството во финишот смогнаа сили и го скршија противникот за нов триумф.
Почетокот од мечот им припадна на гостинските ракометари кои имаа по еден позитива во неколку наврати. Охридските ракометари првата предност ја имаа на истекот од 13-та минута кога поведоа со 6-5. Брзо стигна и предност од два погодоци 7-5.
Радовиш, сепак, не се предаде и до 25-та минута успеа да дојде до егал 10-10. До крајот на полувремето двете екипи постигнаа по три погодоци и на одмор заминаа со 13-13.
На стартот од второто полувреме, Охрид го крена темпото на игра и се одлепи на плус два на семафорот (17-15). Охриѓани ја чуваа предноста до 43-та минута кога радовишани покажаа заби и со мини серија дојдоа до нов егал 22-22.
„Гладијаторите“, после минутата одмор со 2-0 серија обезбедијa нова предноста од два погодоци 24-22. Радовиш три-четири напади во серија реализираше и намалуваше до еден негатива. Во 57-та минута, домаќините погодија за плус три и го отпишаа гостинскиот состав. На крајот на семафорот стоеше 29-25.
Во листата на стрелци во охридскиот состав се истакнаа Бобан Блажески и Денис Топ кои реализираа по седум голови. Капитенот Крсте Андоноски застана на 5 а по четири пати мрежата ја затресоа Лексо Цицилишвели и Иван Тасески. Во гостинскиот тим седум погодоци реализираше Филип Николов а еден помалку постигна Ивица Илиев.
Во следната рунда, Охрид гостува кај Вардар Јуниор додека Радовиш ќе ги одмери силите со втората екипа на Металург.
Мх.П.