Охридскиот ракометен клуб, в сабота, со почеток во 17 часот на домашен терен во рамките од 8-та рунда во плејаутот од Супер лигата ќе го пречека Радовиш. „Гладијаторите“ имаат седум победи во исто толку натпревари во плејаутот, а в сабота се очекува да стигнат до осмиот триумф.

Свесни сме за квалитетот на Радовиш и за нивниот начин на игра и никако не смееме да го прифатиме нивниот стил. Тие играат брз ракомет, на гол повеќе, но и ние си имаме свој стил и мислам дека ќе го наметниме и ќе го добиеме натпреварот. Во Охрид добив се што може да се посака ракометар на мои години. Добив шанса и минутажа, прилика да играм против квалитетни екипи и да ја делам соблекувалната со искусни играчи. Имам некои забелешки за себе и се надевам дека во овие три натпревари кои преостануваат ќе ги поправам за што подобро да се подготвам за следната сезона. – рече српскиот интернационалец, Лазар Петровиќ.

Охриѓани не изборија учество во плејофот, но сезоната ја оценуваат како успешна, бидејќи клубот застана на здрави нозе организациски и финансиски план.

Нашата цел од почетокот од сезоната беше да се стабилизираме организациски и играчки ја исполнавме и можам да ја оценам сезоната како успешна. Публиката ја вративме на трибините, играчите беа фокусирани само на ракомет, а шлагот на тортата беше успехот на младинците во завршниот турнир. Плановите за следната сезона се почнати, првични разговори со одредени играчи се направени и во текот на летото ќе дефинираме екипата. – изјави спортскиот директор, Горан Недески.

Натпреварот со Радовиш е своевидна најава за „Езерското“ дерби кои ќе се одигра во 9-та рунда во Струга.

Мх.П.