Охрид денес беше претставен во Волонгонг, Австралиски град збратимен со нашиот пред три децении. Оваа општина,сместена на источниот Пацифик на Австралискиот брег, во близина на Сиднеј, во иднина ќе ја развива и промовира   соработката во областа на туризмот со Охрид, врз основа  на спогодбата што денес ја потпишаа Дејвид Фамо, генералниот менаџер на Волонгонг и Зоран Шикалески, претставник на општина Охрид. Пред претставниците  на општината, туризмот и универзитетот на овој град со 200 илјади жители, каде околу 6 илјади се Македонци и пред делегацијата на општина Охрид што е во посета на Австралија, беа презентирани туристичките понуди на Волонгонг и Охрид.


Впечатливи беа сличните аспекти во поглед на природните убавини со многу плажи, вода, национални паркови, хотели, ресторани, култура, традиција, добра храна и вино, што ги нудат Волонгонг и Охрид и ги поврзуваат двата збратимени градови нудејќи услови за заедничка промоција во иднина на светските пазари, посебно на Азискиот, од каде доаѓаат најголемиот број туристи на Австралискиот брег. Волонгонг што од индустриски прерасна во туристички и универзитетски центар, има 5,5 милиони туристи и 514 милиони Австралиски долари промет од туризмот годишно, добива нови познати хотелски имиња, ја промовира понудата во светот и ја практикува новата технологија на допир за добивање туристички информации. Импресивен 140 километарски пат со голем мост изграден над живописниот брег на Пацификот кој минува низ вториот по старост национален парк во светот, го поврзува Волонгог со Сиднеј и е атрактивност што привлекува голем број туристи како  еден од силните адути на туризмот во овој дел од Австралија,каде сезоната трае речиси преку целата година помогната од топлото и сончево време и возбудливите места и понуди кои ги воодушевуваат туристите.


Присутните  на презентацијата на Охрид, беа изненадени од старата многувековна историја и традиција на нашиот град, неговите природни реткости, културно-историските богатства и атрактивните манифестации. Според туристичките чинители има место за соработка и размена на туристи, што пред се бара поголема промоција на Охрид на Австралиските и светски пазари и подобра и побрза авио поврзаност на Охрид со Австралија и другите земји. Посетата на Австралија на претставниците на општина Охрид, што ја прекина градоначалникот Александар Петрески  кој се врати во земјава, се оценува како исклучителна можност за дирекни разговори и коминикација, со што се  создаваат услови за поблиска соработка и конкретни ефекти.


Утре делегацијата на Охрид ќе потпише спогодба за соработка со Волонгонг во областа на образованието. Предвидени се посети на најголемиот будистички храм на јужната хемисфера и Македонскиот манастир кај Волонгонг,каде заедно со уште два наши православни храмови се собираат Македонците, кои се една од најбројните од 90-те нации што живеат во оваа општина, а Македонскиот јазик е втор по застапеноста по  Австралискиот. Посетата на делегацијата на Охрид на Австралија која предизвика големо внимание во Македонската јавност и меѓу нашите иселеници во Австралија, е игнорирана од Македонската амбасада во оваа држава.  

                                Нина Кепеска