Прашањата за бизнис климата, условите за развој на малите бизниси и за вложувања на капиталот на иселениците, побрзи врски со Македонија преку Истанбул до аеродромот во Охрид, проблемот со недостаток на паркинг простор, подигнување на условите за хигиена и начинот на кој се издаваат дозволи за градби што ја нарушуваат автентичната охридска архитектура беа прашањата за кои најмногу се интересираа Македонците во Мелбурн на презентацијата на Охрид во салата кај Црквата Свети Ѓорѓи во областа Епинг.


Македонските иселеници изразија задоволство од посетата на претставниците на општина Охрид на Австралија и Мелбурн, поради можноста за директни средби, отворање конкретни прашања и дебата за нив и почеток на иницијативата за поблиско негување на релациите со татковината, за да се прекине синдромот на труење на крвта на Македонците еден против друг, што треба да се замени со сплотување и заедничко решавање на Македонските прашања.

-Треба Македонија да се потруди да ги привлече посебно младите генерации, да не се оттуѓуваат туку почесто да доаѓаат во татковината, која доколку им се допадне, сигурно ќе почнат таму и да вложуваат, со што капиталот стекнат во странство ќе се враќа во Македонија, а и ние повозрасните со младите ќе доаѓаме со повесело срце во земјата каде ни се корените-порача во Мелбурн Крсте Наумоски-Мечкар, претседател на Охридското социјално друштво Свети Наум Охридски, што е домаќин на Охридската делегација во Мелбурн и неколку пати досега има донирано помош за Охрид во медицинските установи. 


– Иако ингеренциите на општината се доста ограничени и децентрализацијата сеуште не функционира целосно, општината сака активно да се вклучи во создавање добри услови за живот и привлекување странски инвестиции во Охрид пред се во туризмот, хотелиерството, градежништвото, комплексите со станбен и деловен простор, носењето урбанистички планови, решавање на проблемот со паркинзите во градот, каде нема место за 30 илјади возила во летниот период, за што е предвидена изградба на неколку катни гаражи,  кај градскиот пазар, хотелот Ривиера и спортскиот центар Билјанини Извори- потенцира Зоран Шикалески, советник на градоначалникот на Охрид за инфраструктура кој им порача на иселениците во Австралија дека вложувајќи инвестиции во Охрид можат многу повеќе да заработат во Македонија отколку во Австралија.


Претставниците на Охрид положија венец со цвеќе пред споменикот на Гоце Делчев и ја посетија црквата Свети Ѓорѓи,која е првата Македонска црква изградена надвор од Македонија, со што пред повеќе од пет децении започна црковниот живот на Македонците во Австралија. Денес престојот на делегацијата од Охрид во Австралија ќе биде заокружен со прием во Македонскиот конзулат во Мелбурн.

                            Нина Кепеска
фото:Informator