За кандидатите од независната советничка листа „Охрид пред се“ ова е уште една изборна кампања во која се даваат истите предизборни ветувања од минатите изборни процеси кои останале нереализирани. На 10-от ден од кампањата тие потсетија на дадените предизборни ветувања од двете политички партии во изминатите изборни процеси, а кои не биле остварени.
Ако само малку ги почитуваа своите сограѓани и ако само малку имаа од она нивно„европско педигре“ во кое се колнат, пред да почнат со историското, празното и баналното „ЌЕ“, двете најголеми политички партии, кои триесет години се менуваат на власт, требаше јавно да се извинат за претходните големи нивни ветувања, кои за жал на сите нас кои живееме во овој прекрасен град, останаа нереализирани, истакна Леона Кичеец, кандидат за советник.
Кичеец ги потенцираше нереализираните капитални ветувања за Охрид од страна на најголемите политички опоненти.
Во февруари 2014 година ВМРО вети дека до крајот на 2018 година ќе биде готов автопатот Кичево-Охрид – лага, во март 2018 година СДСМ вети дека овој автопат ќе биде готов до јуни 2021 година -лага, во ноември 2015 година ВМРО вети дека затворениот пливачки базен во Охрид ќе биде готов во 2018 година- лага, во декември 2019 година СДСМ вети дека базенот ќе биде готов до крајот на 2020 година – лага, во септември 2016 година ВМРО вети дека во рамки на Центарот за култура, најдоцна до крајот на 2018 година, ќе изгради концертна сала – и ова исто така е лага, вели Кичеец.
Таа додаде дека не постои образовна институција која дава диплома за советник, ниту пак некој по наследно право може да биде дел од Советот на Општината, туку советниците се само гласот на народот. Независната советничка листа на „Охрид пред се“ од советничката говорница пред секоја седница на Совет ќе ја потсетува централната власт на по еден од стотиците ветени, а нереализирани проекти кои беа, а и сеуште се од витално значење за развојот на Охрид, истакна Кичеец.
К.А.