Формиран е Иницијативен одбор за подготовка и поднесување на листа на независни кандидати за членови на Советот на општина Охрид на претстојните локални избори. Иницијативниот одбор го сочинуваат: Томе Чингоски, Димитар Велјаноски, Јован Мирчески, Никола Пројкоски Елизабета Баракоска, Лидија Стојановиќ, Владо Чингоски, Рита Наранџоска, Горан Трајкоски, Ивица Будески.

Мотото и називот на листата на независни кандидати гласи „Охрид пред се“, а основна цел на Иницијативниот одбор е подготовка на граѓанска листа составена од професионалци, работливи, чесни и слободоумни охриѓани кои ќе го преземат управувањето со Советот на општината и ќе го претворат во место каде граѓаните реално ги решаваат своите локални проблеми, се наведува во соопштението.

Иницијативниот одбор на „Охрид пред се“, ги повикува сите граѓани на Охрид да дадат свој придонес во подготовката на изборната програма. Сакаме наша, изворна охридска и автентична изборна програма, затоа, од голема важност е да го слушнеме и вградиме во Програмата секој предлог, идеја, потреба и нужност на охриѓани кои може и треба општината да ги реализира во следниот четиригодишен мандат, – велат од „Охрид пред се“.

 

Истовремено, ги повикуваме на соработка сите сограѓани кои се заинтересирани да учествуваат во давање предлози за персонализација на изборната листа. Намерата на Иницијативниот одбор е да создаде изборна листа на кандидати за членови на Советот на општина Охрид кои непосредно ќе ги претставуваат интересите на своите сограѓани, интересите на еснафот, на работниците, на охридските маала и населени места, без примање наредби од политичките партии и внатрепартиските хиерархии, се додава во соопштението.

Партиите, со сите свои предности и слабости нека продолжат да ги креираат државните политики, но нашата примарна цел е да го вратиме вистинското значење и улога на Советот на општината во кој ќе доминираат локалните интереси на граѓаните, раководени само од своите избирачи, истакнуваат од Иницијативата.

Отворени сме за идеи и решенија за заживување на стопанството во Охрид, инфраструктурна обнова, имајќи го предвид и градот, но и селските средини и секако, јакнење на административните капацитети и одржливиот развој на Охрид, – стои во соопштението.

Во поглед на листата на кандидати за потенцијални советници, планот е тоа да бидат лица со силен интегритет, подготвени да се спротивстават на секаков вид притисок, да му даваат поддршка на градоначалникот секогаш кога работи во јавен интерес, но и да го спречат во остварување на теснопартиските политики кои се спротивни на интересите на охриѓани, велат од „Охрид пред се“.

Иницијативниот одбор планира искористување на сите легални механизми преку кои советниците од независната листа „ОХРИД ПРЕД СЕ“ ќе се обврзат да ги застапуваат исклучиво интересите на граѓаните на Охрид.Почитувајќи ги во целост одредбите од Изборниот законик, но и протоколите и ограничувањата во време на пандемија, првото свое обраќање го изведуваме на овој начин, преку Соопштение до јавноста со кое ги повикуваме сите заинтересирани да дадат свој придонес за надминување на постојното политичко сивило во Охрид на локалните избори, тоа да го сторат со свои предлози на следнава e-mail адреса [email protected]. – стои во соопшстението.

Иницијативата „Охрид пред се“ ќе започне со активности и дејствување веднаш штом завршат мерките за ограничување на движењето, кога јавноста ќе биде известена и за просториите каде ќе дејствува Иницијативниот одбор.

OhridNews