Со звуците на гитарата вчера вечер во музејот „Робевци“ во Охрид беше отворена изложба на тема „Македонија низ очите, перото и четката на Едвард Лир (17-24 септември 1848)”.

„Едвард Лир е моја преокупација повеќе од 10 години откога првпат видов една репродукција од неговите цртежи и тоа точно од џамијата „Хаџи Тургут“ позната како „Крст Џамија“, во маалото каде што сум роден и имам поминато пола живот. Така на некој начин ми стана преокупација за да преку еден мој колега и пријател, извонреден уметник и графичар, успеав да дојдам до првите неколку цртежи од Едвард Лир. Но, поважно беше што тој ме упати до местото каде што се чуваат поголемиот број од цртежите на Лир од нашите краишта, а тоа е Хjутон библиотеката на универзитетот Харвард“ вели Милчо Георгиевски, историчар на уметност, советник виш-кустос во НУ Завод и Музеј Охрид, кој ја постави изложбата во Куќа на Робевци.

И покрај тоа што потоа следуваа други ангажмани, јас Лир никогаш не го заборавив. Ова беше еден од идеалните начини за завршување на мојот 36 годишен работен век како музејски работник, кој во најголем дел го имам посветено на изложување и организирање на изложби. Одлучив да пробам и да соберам што повеќе цртежи на Лир и да ја организирам оваа изложба која е мошне интересна не само од ликовен аспект, но и од историски аспект. Посетителите ќе може да видат како изгледал Охрид пред 173 години, кога немало ни „фотошоп“, ни дигитални камери, се е автентично насликано и нацртано, онака како што овој голем сестран уметник, го видел и забележал градот, вели Георгиевски.

Додава дека Лир од самиот приод накај Охрид некаде од превојот на планината Петрино бил фасциниран од убавината пред и се на Охридското Езеро и од неговиот сјај и уште оттаму почнал со неговата работа. Таквите цртежи на Охрид се од таа точка, од самиот приод на градот, разни визури на Охрид од разни места. На пример има од делот кај Костозлобната болница „Св. Еразмо“, од така наречената Ајван плажа, визури на Охрид од плажата Грашница со тврдината во позадина, визури од охридската чаршија, плоштадот и уште многу други места.

 

Ни оставил извонредно сведоштво за начинот на живот и изгледот, бидејќи Лир не само што сликал визури, туку и запишувал. Лир бил и патописец и ни оставил и напишани од прва рака впечатоци, мошне автентични и мошне сликовити.

 

Едно од неговите патеписни дела насловени како „Белешките на еден пејзажист во Албанија“ има еден дел од 30 и нешто страници кој е посветен на неговото патување низ Македонија, неговиот тридневен престој во Битола и во Охрид. Токму тој дел од неговиот патопис го преведов и се надевам дека во најблиска иднина ќе се најде издавач да го отпечатиме тој дел за луѓето да имаат можност и да ги прочитаат неговите размислувања и проблеми со кои се соочувал. Бидејќи во тоа време не било вообичаено некој да се шета со блокот и да слика. И мислам дека би било интересно доколу смогнеме сили и најдеме средства ова да се испечати вели Георгиевски.

Посочува дека изложбата ќе биде поставена на неодредено време и потенцира дека е убаво изложбата да ја посетат и децата од училиштата, за да видат како изгледал Охрид пред многу години, да ја видат недопрената убавина на Охрид и Охридското Езеро.

Н.С.Ј.