Надлежните во охридската локална самоуправа денеска не беа информирани за оваа одлука на Министертвото и на прес конференција ја презентираа својата културна програма, за која што беа убедени дека има најбогати културни содржини, со кои што Општина Охрид, заслужува да го носи епитетот “Град на културата 2010 година”.
Општина Охрид во рамки на Програмата за „Град на културата“ имаше опфатено големи проекти кои се однесуваат на обележувањето на четири важни јубилеи, кои не се значајни само за Охрид туку и за Македонија. Дел од позначајните проекти се: одбележување на 1.100 години од смртта на свети Наум Охридски Чудотворец, јубилејот – 150 години од поемата „Сердарот“ на охридскиот преродбеник Григор Прличев, 30 години од денот кога Охрид е ставен под заштита на УНЕСКО и 10 века опстојување на црквата Св. Софија.
-И покрај тоа што оваа година Охрид не е избран за Град на културата ние ќе се обидеме со средства на Општината да ги реализираме сите зацртани проекти, кои ги опфативме во оваа Програма, за достојно да ги одбележиме сите значајни јубилеи кои заслужуваат ваков третман.-вели Никола Маневски, портпарол на Општина Охрид.
Од Министертвото за Култура информаираат дека Одлуката за Кавадарци да биде град на културата 2010 година е донесена пред извесно време и истата е застапена во Годишната програма за остварување на националниот интерес во културата за 2010 година, во делот на Културно уметнички манифестации. Оваа годишна програма беше објавена вчера, а може да се прочита и на линкот:
http://www.kultura.gov.mk/documents/PROGRAMA__2010_n.pdf
-Општините Кавадарци, Кочани и Охрид годинава се пријавија на конкурсот што го распиша Министерството за култура за организирање на манифестацијата „Град на културата“. По разгледувањето на пристигнатите пријави, стручна комисија одлучи дека Каварадци со програмата што ја понуди ќе биде општината – годинашен организатор на оваа значајна манифестација што се одржува по седми пат. –објаснува Анита Јованоска, портпарол на Министертвото за Култура.
На конкурсот кој го распиша Министерството за култура можеа да учествуваат сите општини во Република Македонија. Тие имаа обврска да достават проект кој треба да содржи програма со препознатлива културна и историска традиција, како и презентација на актуелните културни вредности. Покрај тоа што програмата требаше да содржи цели и очекувани ефекти од проектот, во неа требаше да бидат наведени и просторните капацитети во кои ќе може да се реализира манифестацијата Град на културата во 2010 година.
Досега домаќини на ова случување, чија главна цел е создавање на рамномерен културен развој и достапност на граѓаните до културните вредности и нивно масовно користење, беа Радовиш, Битола, Прилеп, Куманово, Штип и Велес.