Ракометарите на Охрид вечерва во салата „Билјанини извори“ загубија од Еурофарм Пелистер2 – 25:28, во последното коло од регуларниот дел од сезоната.

Пелистерци имаа повеќе од играта и водство во поголемиот дел од првото полувреме, но охриѓани со добар финиш израмнија на 15:15, резултат со кој се отиде на одмор.

Второто полувреме подобро го отвори Охрид кој во средината на вториот дел поведе и со два гола разлика, 19:17. Следеше одговор на гостите со серија од 5:1.

Во клучните моменти домаќините направија серија грешки, кои битолчани умешно ги казнуваа и рутински го исконтролираа водството до крајот на мечот.

Во лошиот напад светла точка беше крилото Шилегов со 7 голови, со кои најдобриот играч на Охрид во продолжението од првенството стигна до бројката од 100 погодоци сезонава. На голот стандардно добар беше Брауновиќ со 9 одбрани. На спротивната страна неговиот поискусен колега Благојче Трајковски мечот го заврши со 11 одбрани, а најефикасен кај гостите и воопшто на мечот беше Ѓоргоски со 9 погодоци.

Со поразот од вториот тим на Пелистер, ГРК Охрид заврши на 6то место на табелата и ќе игра во плејофот, заедно уште со Тиквеш, Еурофарм Пелистер2, Бутел, Еурофарм Пелистер и Вардар.

Шампионот Вардар во плејофот ќе пренесе најмногу бодови – 5, Еурофарм Пелистер – 4, вториот битолски тим -3, Бутел – 2, Тиквеш – 1, а Охрид во разигрувањето за титулата и местата кои водат во Европа влегува без бодови.

Г.М.