Општина Охрид ја подржува идејата на општината Струга кај селото Радожда да биде отворен нов граничен премин со Албанија.

„Ја подржувам таквата идеја, и мислам дека е добро секаде каде што има можност да се отворат гранични премини тоа треба да се направи“, вели градоначалникот на Охрид, Александар Петрески. Петрески уште еднаш ја поздрави одлуката на владата за укинување на визниот режим помеѓу Мкаедонија и Албанија. Според него следен чекор кој треба да се направи е да им се овозможи на граѓаните од пограничниот регион да можат да ја минуваат границата со лични карти. Носењето на една ваква одлука ќе значи многу за граѓаните на Охрид и Струга и пред се за стопанството бидејќи сведоци сме дека  најавата за промена на визниот режим кон Албанија негативно се одрази пред се на туризмот, а потврда за тоа е малиот број албански туристи кои овој викенд го посетија Охрид во спордба со претходните викенди, вели Петрески.

Најавата за либерализација на визниот режим помеѓу Македонија и Албанија,  не ги ублажи последиците од одлуката на македонската влада  за промена на начинот на издавање на визите, која беше повлечена само неколку часа пред нејзиното стапување во сила на 1 февруари.
 
Дуќанџиите во охридката чаршија не информираа дека  осетно опаднал прометот кој вообичаено го правеа гостите од албанија за време на викендите, а опаднал и бројот на албански туристи кои престојуваат во хотелите.  Сепак и дуќанџиите и хотелиерите се оптимисти дека со најавената  либерализација на визниот режим албанските туриусти ќе се вратат во Охрид.

„Евидентно е дека во мојот дуќан се повеќе  дамите од Албанија доаѓаат и пазарат, понекогаш доаѓаат сипрузите или свршениците  купуваат за своите свршенички накит и охридски бисер. Сметам дека либерализацијата на визниот режим  е од исклучителна важност за стопанството во Охрид “, ни изјави познатиот производител на охридски бисер, Климент Талев.

Г. Момироски