Ракометарите на Охрид со триумф ги завршија контролните натпревари во зимските подготовки, победувајќи го составот на Прилеп со 27-18, полувреме (11-9).
Воведот од натпреварот им припадна на прилепчани, кои во неколку наврати имаа водство од еден погодок. Во 15-та минута охриѓани при негатива (4-5) ја стабилизираа играта во двата правци и со серија 3-1 го презедоа водството (7-5). Разликата од двата погодоци на семафорот во корист на „гладијаторите“ остана до крајот на првиот дел, кој заврши со 11-9.
Охрид фуриозно го започна вториот дел. Избраниците на Раде Стојановиќ отворија со серија од 4-1, за прво водство од пет голови (15-10). Охриѓани не застанаа, туку продолжија да ја зголемуваат разликата. После нова мини серија предноста достигна осум голови (21-13). Охрид до финишот на мечот го задржа водството, кое го преточи во триумф од 27-18.
Во текот на подготвителните натпревари Охрид славеше победи против Голден Арт КЛ7, црногорскиот шампион Ловќен и два пати против Прилеп. Охриѓани изгубија од Еурофарм Пелистер и Еурофарм Пелистер 2, а ремизираа со Ловќен.
Охрид официјалните мечеви во пролетната полусезона ќе ги започне со куп дуелот против Делчево, а потоа следуваат натпреварите од плејофот.
OhridNews