Планот за интегрирана заштита на старото градско јадро на Охрид кој го подготвуваше охридската локална самоуправа е финализиран и наскоро ќе биде промовиран пред јавноста.

Овој план се изработуваше во рамки на проектот „Изработка на план за интегрирана заштита на старото градско јадро на Охрид“ кој е финансиран од Програмата за децентрализирана соработка помеѓу француската провинција Долна Нормандија и Македонија преку Асоцијацијата на агенции за локална демократија и општина Каен.

-Според предвидените процедури, оценка и одобрување на планот треба да даде Националната установа Завод и музеј од Охрид која е вклучена како партнер во овој проект, по што истиот ќе биде презентиран пред јавноста, вели Ѓоко Апостолов, раководител на Секторот за туризам и локален економски развој при општина Охрид.

Освен планот за интегрирана заштита, како финален производ од самиот проект ќе биде изработена и Методологија за маркетинг стратегија за достигнување на одржливост на градското јадро.

-Во рамки на проектот подготвен е соодветен промотивен материјал кој во најскоро време треба да биде испечатен. Исто така, во насока на промоција на проектот и подигнување на свеста за зачувување на старото градско јадро, ќе бидат изработени и поставени градски мапи на две локации во Охрид, појаснува Апостолов. Тој очекува овој проект значително да придонесе за заштита на старото градско јадро на Охрид кое е исклучително важно за зачувување на историските и културните богатства, кои се од исклучително значење за развој на туризмот.  

Како дел од активностите на проектот, претставници од општината Охрид  во текот на минатата пролет беа во посета на Каен, во Долна Нормандија со цел да се стекнат искуства за заштита на стариот градски дел.  

Е.М