Градскиот театар – Охрид ги прави завршните подготовки за премиерата на претставата „Европа“, што ќе се случи на 17-ти декември. Претставата која говори за амбициите на граѓанинот и државата да фати приклучок со Европа, е работена по текстови на: Дејвид Герг, Горан Стефановски, Рене Полеш, Ева Енслер и лични материјали на актерите.

Режисер на претставата е Софија Ристеска, која истакнува дека Европа е театарски проект, во којшто многу конкретно се разгледуваат проблемите на општествената, политичка и социјална ситуација што секојдневно не опкружува.

-Константниот копнеж да се замине за Европа е реалност што застрашува, но идејата за Европа да дојде во нашите домови е сила што треба да доминира. Општества како нашето, коишто се наоѓаат во долг период на транзиција, мораат да ги дефинираат своите приоритети и активно да работат за добросостојбата на сопствените граѓани, како и за стабилизирањето на нивната демократска основа.-вели Ристеска.

Таа објаснува дека претставата „Европа“ е комбинација од реални конфликтни ситуации и остри коментари и претставува своевидене повик за храбро учество во промените за подобар живот.

Улогите во „Европа“  ги толкуваат: Горан Стојаноски, Јасмина Билаловиќ,
Никола Тодороски, Адријана Билаловиќ, Билјана Билаловиќ и Стрезо
Стаматоски.

Заради големиот интерес претставата која ја поддржаа Министерството за култура и локалната самоуправа,ќе се игра три пати едно по друго. Предпремиерата е на 16-ти декември четврток, а цената на билетот ќе биде 100 денари. За премиерата кој ќе се одржи на 17-ти декември, билетите ќе се продаваат по цена од 200 денари, а првата реприза е на 18-ти декември, по цена од 150 денари.

Сите претстави почнуваат во 20 часот во малата сала при Центарот за култура Григор Прличев.

OhridNews