Во сабота со почеток во 12 часот во водите на Охридското езеро по 31. пат ќе се одржи Охридскиот пливачки маратон во рамките од Гран при серијата на ФИНА. На стартот во Св. Наум ќе се појават вкупно 22 пливачи, од кои 15 во машка и 7 во женска конкуренција. Првиот маратонец се очекува да пристигне по пет и пол часа на целта на градското пристаниште.

– Денеска имаме чест да го најавиме одржувањето на 31-то издание на Охридскиот пливачки маратон, кој ќе се одржи в сабота на 19 август на популарната патека „Климе Савин“ од Св. Наум од градското пристаниште во Охрид. Оваа година како и секоја маратон се одржува подпокривителство на Претседателот на државата, Ѓорѓе Иванов, а главен организиратор е Општина Охрид заедно со Пливачката федерација на Македонија, Агенцијата за спорт и млади и Сојузот на спортски федерации во Македонија. За нас како Општина Охрид, за институција која се грижи за најголем дел од културните и спортските манифестации ни припадна честа да бидиме главни организиратори со што ќе ги преземеме финансиски обврски и логистиката и техничката организација. Ние и сите чинители во организацијата ќе дадеме се од себе и ова 31-во издание на маратонот да биде организирано на високо ниво, онака како што налага долгата традиција на оваа спортска манифестација која преставува еден од амбасадорите на Охрид и нашата република. – рече градоначалникот, Никола Бакрачески.

Претседателот на Пливачката федерација на Македонија, Јане Карајанов информираше за техничкиот дел, односно за посебните мерки кои се преземени во финишот на трката за избегнување на минатогодишното сценарио кога Евгениј Поп-Ацев остана без место на пиедесталот после промашена бова.

– Презедовме некои други мерки во целната рамниме да ги избегнеме несаканите последици кои се случија во финишот на трката последниве две години. Посебни инструкциите ќе добијат возачите на чамците и тренерите, бидејќи сите се дел од екипата. Пливачите се стигнати и сместени во Охрид и се тече во најдобар ред околу тој дел од организацијата. Како што можеме да се информираме в сабота временските услови ќе бидат одлични, што значи дека ќе не очекува добра и неизвесна трка. – додаде Јане Карајованов.

Помеѓу 22-та учесници има три македонски пливачи Евгениј Поп-Ацев, Александар Илиевски и Александар Панчевски. Минатата година во машка конкуренција победи Томи Стефаноски, а во женска триумфираше Олга Козидук.

– Не сакам да се навраќам на тоа што се случи минатата година, но добро е што извлеков поука и научив многу работи. Сигурно дека тоа ќе биде мотив повеќе за мене и нескромно најавувам дека одам на победа. Години наназад во Охрид сум во потесниот круг, а сега сум и во добра форма и нема потреба да ги кријам моите амбиции. – истакна Поп-Ацев, кој триумфираше на маратонот пред две години.

Преставникот на ФИНА на пливачите им посака мирно езеро, добро здравје и добра трка. Охридскиот маратон е трет и претпоследен во Гран при серијата. Светскиот куп во отворени води завршува во Капри, Наполи на почетокот од септември месец.

Мх.П.