На репертоарот на Градскиот театар – Охрид, денеска е претставата „Граница“ во режија на Софија Ристевска. Автор на текстот е Венко Андоновски, еден од најзначајните современи македонски автори.

Ова дело ја обработува темата за навлегувањето на политиката во човечките животи и застрашувачкиот  степен до кој таа може да ги раководи истите. Граница е текст за борбата и обидот на индивидуата да се зачува правото на избор и правото на слободно изразување. Граница е текст којшто категорично стои зад позицијата дека политиката и општеството треба да стојат подалеку од правото на личен живот.

”Граница” е текст што се интересира до каде може да оди пенетрацијата на тоталитаризмот во нашите домови: до дневната, до кујната, до спалната соба?  Така интимниот простор станува јавен, иако се се одвива под маската на демократијата“, ќе рече авторот.

Оваа претстава ја освои втората награда на интернационалниот светски познат театарски фестивал „Експонто“ во Љубљана, а одиграна е на многу значајни интернационални фестивали и тоа: „Сарајевска зима“ Сараево, „Јоаким Вујиќ“-Крагујевац, „Врача“-Бугарија, „Војдан Чернодрински“ Македонија, „Ристо Шишков“-Македонија итн, а гостувала и во престижното „Народно Позориште“ во Белград.

“Граница“

Режија: Софија Ристевска

Адаптација на простор: Драган Анѓелковиќ

Костимографија: Благој Мицевски

Извршни продуценти на претставата: Горан Стојаноски и Благоја Стефановски

УЛОГИ:

Писателот: Горан Стојаноски

Меги, негова сопруга: Јасмина Билаловиќ

Христо, нејзин брат: Никола Тодороски

Сребра: Јоана Поповска

Претседателот, вујкото, ѓубраџијата: Борис Чоревски

Претставата ќе биде одиграна во малата сала на Центарот за култура со почеток во 20 часот.

OhridNews