Ракометарите на Охрид славеа во „Езерското“ дерби совладувајќи ја Струга со 22-20 (13-11) во СРЦ „Билјанини Извори“. Првата од двете пресметки во плејаутот понуди атомски ракомет и беспоштедна битка, а навивачите на трибините беа фантастични и го збогатија дербито.
Гостинските ракометари подобро го отворија натпреварот и три пати имаа минимално водство. Охрид до предност стигна после осум минути игра (4-3), а веднаш потоа и до плус два (5-3). Водството не го задржа многу, бидејќи Струга успеа да израмни на 7-7.
Од тој момент се играше гол за гол, но охридските ракометари го контролираа резултатот, а гостите беа кои бркаа негатива. Со мини серија од 2-0 во финишот Охрид се одлепи на плус два (12-10) и ја задржа до крајот на првото полувреме (13-11).
Охриѓани кон победата решително тргнаа на стартот од вториот дел кога максимално ја стегнаа играта во одбраната, а нападот сигурно погодуваше за водство од 4 голови (16-12). Пех за Струга во моментите кога имаше најголема негатива беше црвениот картон за Лексо Тсителишвили поради три исклучувања. Охрид ја искористи псхичката предност и дојде до највисоки плус пет (21-16).
Струга не се откажа, туку со пожртвувана игра дојде до минус три (22-19) и напад кој не го реализираше. „Гладијаторите“ не дозволија нови грешки и го истрошија времето до крај, а Струга со погодок во финишот ги постави конечните 22-20.
Во листата на стрелци кај Охрид се истакнаа Иван Тасески и Бобан Блажески кои постигнаа по пет погодоци, четири реализираше Златко Везенковски, а по три пати прецизни беа Лазар Петровиќ и капитенот Крсте Андоновски. Една од важните алки во победата беше Јагош Брауновиќ. Во тимот на Струга по четири погодоци реализираа Александар Тренчевски, Богдан Николиќ и Гиорги Дикхаминија.
Во петтата рунда од плејаутот Охрид силите ќе ги одмери со Вардар Јуниор во гости.
Мх.П.