Граѓаните на Охрид денеска по осми пат на непосредни избори ќе изберат Градоначалник кој ќе го води градот во следните четири години. Ќе се бира помеѓу тројца кандидати. За седмиот совет на Општина Охрид, пак, избран на Локални избори, конкуриураат 253 кандидати на, рекорди до сега, 11 листи за советници.

Гласањето на локалните избори во Охрид започна утрово во 7:00 часот и трае непрекинато до 19:00 часот. Како што информира Општинската изборна комисија на време се отвотрени сите 88 избирачки места. Од нив 86 остануваат на истите локации како и на последните парламентарни избори. Промени има само кај две избирачки места.

Избирачкото место 1256, кое беше сместено во Пожарна, за овие локални избори сместено е во зградата Братство единство, на улица „7-ми Ноември“. Гласачите запишани на избирачкиот список кои живеат на улица „Лазо Трпоски“ сите од број 1 до крај, треба да гласаат на избирачкото место 1274, што значи ќе гласаат во просториите на Музичкото училиште, информира подрачната единица на Министерство за правда Охрид.

Што велат правилата?

Ако гласањето биде прекинато подолго од еден час, тоа ќе продолжи за онолку време колку што траел прекинот, но не подолго од три часа.

Во 19:00 часот гласачките места се затвораат. На избирачите затекнати во објектот каде што се гласа им се овозможува да гласаат. Гласачкото место на кое гласале сите граѓани запишани во изводот од Избирачкиот список може да се затвори и пред 19:00 часот, по претходна согласност
од надлежната ОИК, но не отпочнува со броење на гласовите пред 19:00 часот.

Записниците и другиот изборен материјал, избирачкиот одбор ги доставува до Општинската изборна комисија, односно Изборната комисија на градот Скопје, во рок од пет часа по завршувањето на гласањето. Изборниот материјал до ОИК го доставува претседателот на ИО во придружба на заинтересирани членови на ИО или претставници на подносителите на листите и претставници од полицијата, ако за тоа има потреба. ев/са/

Вчера во Охрид правото на глас можеа да го искористат 199 болни лица и 23 Ковид позитивни, кои беа претходно пријавени.

Во избирачкиот список за територијата на општина Охрид, запишани се 52 477 лица кои треба да го остварат своето право на глас на претстојните избори.

Бројот на болни и немоќни лица кои гласаат денес на територијата на општина Дебрца е 35 додека нема пријавени лица за гласање кои се Ковид позитивни. Во Дебрца нема промени на избирачките места, а запишани во избирачкиот список се 4350 избирачи за гласање во 28 избирачки места, велат од ОИК Дебрца. И во оваа Општина градоначалникот ќе се бира помеѓу тројца кандидати.

Вклучувања во живо, резултати, анализи

Редакцијата на OhridNews ќе ги следи Локалните избори постојано со две истурени екипи на терен, вклучувања во живо на нашите канали на YouTube, Facebook и на нашиот портал во текот на целиот ден (11, 13, 15, 17, 19 часот), како и со изјави, јавувања во живо од изборните штабови и друг материјал снимен на изборниот ден, кој ќе се емитува после 19 часот.

Г.М.