Охрид во наредните неколку дена ќе патува низ времето. Првиот историски  фестивал „Средновековен Охрид“, што вчера беше свечено отворен, за момент ќе ни го долови времето  на храбрите витези и моќните кралеви и цареви.


Стрелци, витези, рицари, стари орудија и разни производи од дрво и керамика изложени на тезги, се дел од средновековниот амбиент на плоштадот каде се наоѓаше градската библиотека, а манифестацијата ќе биде збогатена  и со старовековна музика, акробатика и жонглери. Историскиот фестивал го организра група ентузијасти со поддршка на централната и локалната власт и ќе трае до 8-ми септември, кога на доајенот на македонското филигранство, Вангел Деребан, ќе му биде врачена наградата „Чувар на традицијата“. Во рамки на фестивалот ќе се организраат ноќни прошетки со факели низ стариот дел на градот, а во три охридски ресторани во средновековен амбиент ќе се служи традиционално подготвена  храна.


Целта е да ја пробудиме свеста кај граѓаните за значењето на средновековниот Охрид за Македонија и нашиот идентитет, ни изјави Ѕвонко Наумоски, еден од организаторите на фестивалот. Според пратеничката Лилјана Попоска, која е еден од поддржувачите на иницијативата, Историскиот фестивал е добра можност и за ракотворците, бидејќи туристите сакат за спомен со себе да понесат нешто уникатно, рече таа.


Фестивалот го поздрави и градоначалникот на Охрид, Александар Петрески, кој истакна дека, оваа манифестација е од големо национално значење, но и дека ќе придонесе за продолжување на туристичката сезона.


На Првиот историски фестивал во Охрид учествуваат презентери од Хрватска, Словенија, Македонија и Чешка.

Ohridnews