Со векови кучето на човекот му беше најдобриот пријател; сѐ додека му ги чуваше семејството и имотот. Потоа човекот најде замена за кучето: алармни системи, камери и други средства за обезбедување на својот спокоен сон. Така од работно животно кучето се претвори во омилена играчка на човекот. Како и секоја друга играчка, порано или подоцна кучето на некои луѓе им здосадува, по што го исфрлаат на улица на милоста на судбината. А на улицата кучето се соочува со глад, студ, болести и други непријатности. Тука човекот пак се покажува како најголем непријател на кучето. За тоа сведочат скршените кучешки глави или нозе и масовните убиства на довчерашниот најголем човеков пријател. Сепак, постојат и многубројни позитивни исклучоци.
Герхард Ротцингер е Холанѓанец, а живее во Белгија. Тој на крајот од мај оваа година дојде во Охрид за да види парче од непознатиот дел од светот. Почна да ги обиколува градот, езерото… Средбата со уличните кучиња беше неизбежна поради нивната голема застапеност во најпосетуваните делови од градот. Тука сосема случајно Ротцингер го сретна својот најнов миленик.
Јас дома веќе имам три кучиња за кои се грижам со години… Кога видов дека ова куче има повредена нога, помислив дека нема големи можности за опстанок. Му треба нега, треба некој да се грижи за него…
Ротцингер зборува со тивок глас исполнет со тага додека во очите му се огледуваат љубов и искрена грижа за суштеството за кое никој не знае кога и од кого било отфрлено и препуштено на суровата судбина на уличниот живот.
Само што го видов, тоа веднаш ми влезе во срцето. Ќе направам сѐ што треба за тоа да ги добие потребните грижа и внимание, кај мене дома, заедно со другите кучиња…
Благодарение на активистите за заштита на напуштените кучиња, охриѓаните Анастазија Димзовска и Владимир Божинов, постапката за посвојување на кучето е започната уште во истиот ден кога таа дознава за желбата на Ротцингер. По задолжителниот карантин во Охрид, кучето ќе го добие својот пасош и наскоро ќе одлета во Кралството Белгија каде што ќе ги добие сите услови за пристоен кучешки живот. Авионскиот билет е резервиран.
Кучето веќе го доби своето име по кое ќе го препознаваат во новата татковина. Ќе го викаат… Охрид (!); според името на местото во кое е откриено. Така тоа ќе стане своевиден промотор на градот Охрид и Република Македонија во Кралството Белгија.
Герхард Ротцингер со својата постапка докажува дека постои еден многу поцивилизиран начин за решавање на проблемите кои се поврзани со бездомните кучиња, доколку за тоа постои искрена желба и истрајност.
Текст и фотографии: Мишо Јузмески