Охридските ракометари го претрпеа вториот пораз во серија, а четвртиот вкупно сезонава, откако на гостувањето во Скопје кај составот на Бутел изгубија 23-15 (9-4) во последниот меч од 11-та рунда во македонската Супер лига.

„Гладијаторите“ одиграа меч под своите можности. Делуваа немоќно, безидејно и брзоплето во напад, а одбрана ровита и пробојна како никогаш до сега. Домаќините ги искористија сите аномалии и дојдоа до триумф, кој ги доближи уште еден чекор до плејофот.

Во неефикасното првото полувреме подобро се најде домашниот состав. Избраниците на Игор Котески отворија со 2-0, а Охрид возврати за прво изедначување. Двете екипи постигнаа по еден погодок за егал 3-3. Домашните ракометари со 3-0 серија стигнаа до прва опиплива предност 6-3. Охриѓани со погодок ја прекинаа серијата, но потоа влегоа во црна серија без погодок, а домаќините ги искористија за зголемување на водството 9-4 на полувремето.

Охридските ракометари, второто полувреме го започнаа со три погодоци и намалија на 9-7. На разлика од 2-3 погодоци се играше до 42-та минута, кога домаќините ја вратија предноста од првото полувреме (16-11). „Гладијаторите“ немаа сила за ново враќање, а ракометарите на Бутел грешките ги казнуваа со погодок за убедлива победа 23-15.

Ракометарите на Охрид излез од мини кризата ќе бараат во следната 12-та рунда во дуелот со Борец пред своите гледачи, додека Бутел сигурно чекори да обезбеди пласман во плејофот во дебитанската сезона во македонската ракометна елита.

OhridNews