Најголемиот и најрепрезентативен туристички центар во Македонија, Охрид, не е конкурентен на светскиот пазар поради високите цени на авионските карти, сметаат туристичките работници.Според нив културно-историското богатство и природните убавини не се доволни за да се привлечат странските туристи, бидејќи цените за патување кон Македонија се многу повисоки во однос на туристичките места во другите земји. Авионска карта од Виена до Охрид чини 300 евра, а само со мала доплата, односно за 480 евра австриски турист може да летува 7 дена на море во Турција со вклучен авионски превоз.
Од секторот за туризам при Министерството за економија решавањето на овој проблем го сметаат за приоритет во 2008 година, во која државата за развој на туризмот и промоција издвои 1 милион евра. Основна задача ќе биде да се реши проблемот на сите заинтересирани туроператори кои сакаат да организраат патувања за Македонија, ни изјави Димитар Бојаџиевски од Секторот за туризам при Министерството за економија. „Досега се претставувавме, но кога ќе дојдеше клучното прашање како тие гости да ги донесеме во Македонија секогаш остануваше отворено тоа прашање. Формулата за тие 100-на и кусур евра од авионско седиште од било која дестинација во Европа кон Македонија мислам ќе ја решиме во најскоро време“, вели Бојаџиевски.
Покрај скапиот авионски превоз, Македонија нема ниту добра патна мрежа, што е дополнителен услов за привлекување странски туристи. Затоа експертите советуваат Макдонија доколку сака да стане конкурентна на турустичкиот пазар, ќе мора да вложува многу во развој на патната инфратруктура и авионскиот сообраќај, без што богатото културно-историско наслество и природните убавини и натаму ќе останат само добар саемски декор до кој тешко се стигнува.
Г. Момироски