Со поставување на атлетската тартан-патека во Охрид се реализира долгогодишниот сон на генерации атлетичари и љубители на спортот, но тоа само по себе нема да значи многу, ако сето тоа не се искористи за организирање настани кои ќе нé афирмираат, развиваат и исполнуваат.

– Ние уште од самиот почеток на подготовките остваривме контакти со Агенцијата за млади и спорт, МОК и сите институции кои веруваме дека имаа можност и обврска да ни помогнат. При поставувањето на патеката покажавме дека Федерацијата со сите горенаведени субјекти има одлична соработка што е добар предуслов истата да продолжи. Ги запазивме сите датуми и барања за конкурсот за распределба на средства. Со митингот воедно и ќе се отвори најмодерната атлетска патека во Македонија, која е прва по 40 години – изјави директорот на митингот „Охрид 2010“, Иван Цветкоски.

Од АК „Охрид“ конкурираа на конкурсот што го распиша локалната самоуправа и очекуваат позитивно да одговорат на барањето.

– Резултатите на АК „Охрид“ на национално и меѓународно ниво, афирмацијата на градот и секако со сите инфраструктурни инвестиции преку атлетиката кои се случија во изминатиот период, за нас се доволен показател дека поддршката ја заслуживме. Настаните кои ќе се случат за време на неделата на атлетиката, посетата на потпретседателот на Светската атлетска федерација и промотор на митингот, Сергеј Бубка, учеството на 100 атлетичари од сите балкански држави се голем плус за да се поддржи овој настан и ние сме убедени дека ќе се случи тоа – смета Цветкоски.
Како и сите спортови, така и атлетиката има проблеми со убедувањето на компаниите за вложување во кралицата на спортовите.

– Компаниите повеќе се насочени кон спонзорирање разни настани кои за мене не оставаат трага и бенефит какви што може да се остварат преку вложување во спортот. Ако ние како спорт сме успеале да ги убедиме нашите пријатели во светот да ни помогнат и да донираат атлетска патека, ако ние како спортски работници сме успеале да обезбедиме еден од највлијателните спортски личности на денешницата да ни биде промотор на првиот атлетски митинг, мислам дека тоа треба да претставува доволна причина компаниите да го препознаат интересот на граѓаните, а со тоа и својот. Предусловите за спортски настан на деценијата се одлични така што се надевам дека компаниите ќе ни помогнат заедно да успееме да се презентираме како што доликува пред пошироката македонска и светска јавност – смета тој.

Мај – месец на атлетиката

Мај ќе биде исклучително богат со настани поврзани со атлетиката. На 4 мај, првпат во посета на Атлетската федерација доаѓа претседателот на Европската атлетска федерација, Ханс Јорг Вурц. На 9 мај се одржува традиционалниот скопски маратон. Од 13 до 17 мај во посета на Македонија ќе допатува Сергеј Бубка, промоторот на митингот „Охрид 2010“. Во присуство на Бубка, на 15 мај ќе се одржи атлетски натпревар помеѓу основните училишта во Охрид, како генерална проба пред големиот настан. За време на посетата на Бубка ќе има многу состаноци со најрелевантните личности од јавниот и од спортскиот живот. Неделата или месецот на атлетиката ќе заврши со големиот атлетски митинг, кој ќе се одржи во Охрид, на градскиот стадион на 19 мај.

М.П.