Салата и целиот спортски комплекс „Билјанини извори“ е во сопственост на општината и градот нема намера да му ја отстапи никому, вели градоначалникот Петрески кој денеска остро реагираше на информацијата на ЈП за стопанисување со спортски објекти дека го раскинува договорот со “Охридски Комуналец“ за закуп на спортскиот центар.
“Охридски Комуналец“ потпиша со „ЈП за стопанисување со спортски објекти“ договор за користење на спортските терени. Откога се потпиша тој договор државата донесе одлука со која спортската сала и СРЦ “Билјанини“ комплетно и се префрлаат на општина Охрид, што значи дека договорот помеѓу Комуналец и ЈП за стопанисување со спортски објекти уште тогаш е раскинат и нема што тие да раскинуваат договори сега“, рече Петрески.
Остра реакција од Александар Петрески
Јавното претпријатие за стопанисување со спортски објекти соопшти дека на седницата на УО на 27.12.2006 година го раскинало Договорот за закуп на СРЦ “Билјанини извори“ – Охрид, склучен со ЈП “Охридски Комуналец“ и дека согласно тоа е е единствен легитимен субјект кој стопанисува со спортските објекти во Охрид.
Во дописот испратен до ЈП “Охридски Комуналец“, стои дека општината од 1-ви јануари 2007година е обврзана на ЈП за стопанисување со спортски објекти да му плаќа закупнина за тренинзи и натпреварии, а доколку општината не постапи согласно ваквите барања, тоа ќе значи дека таа не е заинтересирана за понатамошна соработка и од 1-ви февруари 2007 не ќе може да ги користи спортските објекти во Охрид.
Салата беше бојадисана пред неколку недели
Салата е на општината и доколку некој се обиде со сила да ја земе, ќе ја браниме со жив штит, одговара Петрески. “Против одредени личности кои работат во ЈП за стопанисување со спортски објекти и ги лажат новинарите и јавноста дека се раскинал некој договор и им сугерираат на фирмите да не потпишуваат договори со Комуналец или општината, ќе поднесеме кривични пријави“, најави Петрески.
Градоначалникот Петрески информираше дека општината согласно договорот со држвата ги презела долговите во висина од околу 2 милиони евра за спортската сала, но демантираше дека вработените во салата не примаат плата. Сите долгови по основ на неисплатени плати се од периодот кога со салата стопанисуваше ЈП за стопанисување со спортски објекти , кое според него е одговорно и за сите штетни договори при издавање на просторот и објектите во СРЦ „Билјанини извори“.
Г.М.
фото:С.К.