Фудбалерите на Охрид, експресно им се вратија на победите во третолигашката конкуренција совладувајќи го составот на Влазними со 2-0 (1-0) во 16-та рунда од шампионатот. Во претходната рунда Охрид ремизираше со Лирија Грнчари на гостински терен (2-2).
Екипата на Влазними повеќе од половина час оддолеваше на нападите од домашните фудбалери. Бедемот на гостите го „скрши“ Ромео Кочоски кој постигна маестрален погодок од седумнасеттина метри со волеј удар.
На стартот од второто полувреме на натпреварот најдобриот голгетер во тимот на Охрид, Никола Секулоски го дуплираше водството и ги „отпиша“ гостите. Охриѓани со рутинска и пред се` паметна игра ја задржаа предноста и запишаа нова победа и три бодови на табелата.
Со овој триумф, а и со добрите резултати во претходните натпревари Охрид е далеку пред останатите екипи на табелата и се чека само официјална промоција на шампион во Третата лига и нов член во Втората МФЛ.
Мх.П.