Охрид го зазема третото место во Македонија по бројот на изградени станови во 2014 година. Според податоците кои ги објави Државниот завод за статистика во рамки на Публикацијата „Градежништвото во Република Македонија 2010-2014“, лани во Охрид биле изградени 353 станови со вкупна корисна површина од 23.103 метри квадратни.

Предност по бројот на изградени станови, пред нашиот најголем туристички центар имаат само Гостивар со бројка од 445 новоизградени станови и Скопје, каде што во текот на минатата година биле изградени вкупно 2.200 станови.

Повеќе од неколку македонски региони

Бројот на изградени станови во Охрид е за 170 поголем од вкупниот број на изградени станови во целокупниот Вардарски регион, каде лани биле евидентирани 183 станови од нова градба. Исто така бројот на охридските станови е поголем и од бројот на нови станови од целокупниот Источен регион, каде лани се изградиле вкупно 244 станови. Станбената бројка од Охрид е поголема и од бројката на целокупниот Североисточен регион каде лани биле запишани вкупно 302 новоизградени станови, како и од бројката на целиот Југоисточен регион каде биле изградени 349 станови. Слични статистички показатели за предноста на Охрид во споредба со другите македонски региони беа евидентирани и во текот на претходните неколку години.

Од агенциите кои тргуваат со недвижности велат дека речиси секоја година Охрид е на врвот на листата по бројот на изградени станови бидејќи е едно од најатрактивните места за вложување во Македонија.

Инвеститорите кои градат згради имаат голем профит од продажбата на станови, бидејќи цената на станбениот квадрат во Охрид се уште е на задоволително ниво и многу повисоко од другите градови во Македонија. Интересот за градба доаѓа и од можноста станбениот простор да се користи за туристички цели, што исто така е дополнителен мотив за вложување, велат дел од агентите за продажба на недвижности од Охрид.

Се изградиле само 3 еднособни станови

Статистичката евиденција покажува дека најголем број од изградените станови во Охрид или 230 биле двособни станови. Втори по бројност се трособните станови со бројка од 93 стана, а трети се четворособните станови со бројка од 16 станови. Исто така инвеститорите на охридската ривиера лани изградиле и 3 еднособни станови, 4 петособни, 4 шестособни и 3 седмособен станови.

Понудата сепак се креира во согласност со побарувачката. Поголемите станови во Охрид многу тешко се продаваат, во моментов нудиме низа такви станови и во нова и во стара градба, но нема интерес за нив. Порано повеќе се бараа еднособните станови и гарсоњери, но сега клиентите повеќе се интересираат за двособните станови до 60 квадрати, велат агентите за недвижности.

Освен со бројот на станови, Охрид  високо котира и по бројот на извршени градежни работи. Статистичките показатели говорат дека лани во рамки на охридското градежништво биле извршени вкупно 880.821 градежни работи од кои 675.328 биле извршени на станбени згради. На нестанбени згради, инвеститорите реализирале вкупно 75.233 градежни работи, а за реконструкции, санации и адаптации била изведена 77.961 градежна активност.

Во категоријата на градежни работи кои биле извршени на станбени објекти, поголема бројка од Охрид, бележи само Гостивар со 1.133.228 извршени градежни активности и Скопје, каде што градежните работници реализирале вкупно 6.435.973 градежни работи.

Е.М