Охрид денеска му се поклонува на гемиџијата Марко Бошњаков кој пред точно 100 години го положи животот за македонските идеали и слобода.
Гемиџијата Марко Бошњаков
По тој повод денеска делегација на локалната самоуправа, предводена од градоначалникот Александар Петрески, претставници на институции, граѓани, положија свежо цвеќе пред спомен плочата која се наоѓа пред родната куќа на Марко Бошњаков во Охрид.
Охрид се поклони пред гемиџијата
Ние треба да го почитуваме делото на единствениот гемиџија од Охрид во тоа време кој немајќи друг избор слободата ја заменил со животот. Треба да го почитуваме делото на гемиџиите кои со солунските атентати единствено сакале да го свртат вниманието на Европа за решавање на македонското прашање, рече во своето обраќање историчарот Никола Целакоски.
Треба да го почитуваме делото на гемиџиите-Никола Целакоски
На 28 април 1903 година Марко Бошњаков заедно со Јордан Поп Јорданов, Димитар Мечев – Мечето, Константин Кирков, Илија Трчков, Владимир Пингов, Георги Богданов, Иван Арсов, Костадин Кирков, Тодор Органџиев, Тодор Богданов, Илија Поп Јорданов, Алексо Минев(сите од Велес) Павел Шатев од Кратово, Начо Стојанов, Гоце Чанев, унгарката Ана Шапец и други, ја извеле најголемата терористичка акција во своето време против османлиската империја.
Гемиџиите во воздух ги дигнале бродот “Гвадалкивир”, Банк Отоман, гасоводните цевки, Гранд Хотел Солун, кафеаните “Ал хамбра” и “Ноја” и “Бошнак-ан”. Бил урнат Германскиот клуб, кафеаната “Египет”, како и неколку други локали.
Така завршува акцијата на македонските атентатори, кои во продолжение на четири дена сеат ужас кај турската власт и населението. Во битка со војската и полицијата се убиени Орце Поп Јорданов, Константин Кирков, Димитар Мечев, Илија Трчков, Владимир Пингов и Цветко Наумов. Уапсени се Павел Шатев, Марко Бошнаков, Милан Арсов и Георги Богданов. Тие отпрвин се осудени на смрт, но подоцна пресудата им е заменета со заточение во Фезан (Африка).Таму Марко Бошњаков умира а преживеаните гемиџии како што претходно се договориле главата на починатиот Марко Бошњаков ја донеле во Охрид каде била закопана.
архивски фотоградфии од солунските атентати-Википедија
По повод стогодишнината од смртта на Марко Бошњаков во куќата на гемиџијата беше откриена биста која ја изработи Стефан Нестор, ученик во 4-та година во Гимназија. Бистата ја откри градоначалникот Петрески кој најави дека Охрид достојно ќе му се одолжи на Бошњаков кому ќе му биде подигнат споменик во градскиот парк.
бистата на Бошњаков ја изработи гимназијалецот Стефан Нестор
ohridnews
фото:Васко Бујароски