Ракометарите на Охрид триумфираа во првата од двете тест средби со црногорскиот шампион Ловчен, победувајќи со 25-22 (13-10). Охриѓани до вториот триумф во контролните мечеви стигнаа со квалитетна игра во одбрана и ефикасна во напад кога се кршеше резултатот.
Добрата игра во одбрана на двете страни го одбележа натпреварот. Двете екипи постигнаа по четири голови за егал 4-4, после десет минути игра. Гостите со нешто подобра игра успеаја да се одлепат на два погодоци и да поведат со 4-6 односно 5-7. „Гладијаторите“ брзо се консолидираа и на истекот од 23-та минута дојдоа до егал 9-9. Охриѓани во финишот до перфекција ја доведоа играта во одбрана, примијаќи само еден погодок, а на спротивната страна постигнаа четири, за водство 13-10 на полувремето.
Избраниците на Раде Стојановиќ до средината на второто полувреме ја чуваа предноста од три погодоци. Црногорците со мини серија од 2-0 дојдоа до минус еден (18-17). Охриѓани експресно се екипираа и недозволија да го испуштат водството. Со низа од 3-1, повторно обезбедија предност од три погодоци (21-18).
Во последните пет минути, разликата не се промени и Охрид со триумф 25-22 го доби првиот натпревар со гостинот од Црна Гора.
Во составот на Охрид се истакнаа Филип Николов со седум голови, Игор Чагаљ со четири и Филип Кривокапиќ со три. Голманскиот тандем Никола Даниловски – Јагош Брауновиќ искомбинира 17 одбрани.
Утре, двете екипи ќе одиграат нов контролен натпревар.
Мх.П.