Асоцијацијата на спортови „Спорт за сите-сите за Спорт“ доби одлични оценки и пофални зборови за организацијата на атлетскиот викенд под името Охрид Трчат.
Повеќе од 400 маратонци учествуваа на 10 и 5 километарската трка и на тим билдинг трката која донесе најмногу возбудувања. Од Асоцијацијата им заблагодаруваат на сите чинители во успешниот проект.
– Не стивнуваат реакциите до Асоцијацијата на спортови „Спорт за сите-сите за Спорт“ по завршувањето на првиот Охрид трчаТ викенд. Се надеваме дека како организација која во изминатите 3-4 недели, се потруди, за тоа кратко време да реализира спортски настан не ве разочаравме и придонесовме барем за малку да се дружиме, спортуваме, рекреираме и социјализираме. Од мое лично име и од име на Асоцијацијата на спортови им се заблагодарувам на сите што беа дел од организацијата на Охрид трчаТ ( Општина Охрид, Јавните претпријатија, СВР Охрид, Совет за безбедност , медиуми, Црвен Крст Охрид, Дом на Култура, сите основни училишта, ОСУ Св. Климент Охридски, Противпожарна, Прва помош во поддршката што ни ја дадоа за да ја реализираме нашата визија. Секако како никогаш до сега интересот на приватниот сектор ( нашите покровители и помагатели ) не изостана, напротив поддршката нивна значеше многу за нас и ние поради тоа им се заблагодаруваме. На крај најголемата поддршка дојде од граѓаните, здруженијата, тим билдинг екипите, а посебно од граѓаните кои живеат на целата траса на патеката, за нивната коректност, за нивната толеранција, за нивната почит која ја искажаа кон Охрид трчаТ, капата долу ! Заедно сите докажавме дека Охрид сакаТ да трчаТ, дека Охрид сакаТ да гледаТ, дека Охрид сакаТ да се дружиТ, и на крај ( цитат на проф. Кате Бујароска ) дека Охрид можиТ и мораТ. – стои во соопштението од првиот човек на Асоцијацијата на спортови „Спорт за сите-сите за Спорт“, Иван Цветкоски.
Асоцијацијата на спортови има уште спортски планови за годинава кои дел ќе ги реализира летово, а другите во текот на оваа година.
OhridNews