Ненадејната смрт на градоначалникот Јован Стојаноски го застана Охрид. Иако локалната администрација технички функционира, не можат да се донесат некои значајни акти од кои зависи нормалното функционирање на општината и градот.

Согласно законот министерството за локална самоуправа и владата веднаш се известени за настанатата ситуација и отпочната е процедура за распишување вонредни локални избори за градоначалник на Охрид, а до нивно спроведување советот треба да избере заменик градоначалник од неговите редови. Тоа ќе мора да биде направено во најбрз можен рок, бидејќи до крајот на календарската година мора да биде донесен Буџетот на локалната самоуправа.

Буџетот на Општина Охрид мора да се донесе до 31.12. Предлагач е градоначалникот на општината, во случајов в.д. градоначалникот, така да во наредниот период ќе мора да се пристапи кон избор на в.д. градоначалник, за да може да се донесе буџетот до 31.12. и со тоа непречено да функционираат и општинската администрација и јавните претпријатија и школството. – изјави Константин Георгиевски, координатор на советничката група на СДСМ.

Токму Георгиевски до сега ја извршуваше функцијата заменик градоначалник на Охрид, на која беше назначен од Стојаноски. Дали тој ќе продолжи да ја обавува функцијата и натаму или советот ќе избере пинакво персонално решение, ќе одлучат партиските органи кои се очекува деновиве да заземат конечен став по ова прашање, вели Георгиевски. Во меѓувреме во јавноста можат да се чујат и други имиња од владејачкото мнозинство, но и бројни политички шпекулации.

Опозициската ВМРО ДПМНЕ, пак, најавува конструктивност, но му забележува на мнозинството дека започнало консултации околу персоналното решение за заменик градоначалник без нивно знаење.

Како советничка група апелираме при изборот на в.д. градоначалник владејачката коалиција да не се води од тесно партиските интереси и интересите на бизнис заедницата, туку исклучиво од интересите за нормално функционирање на Охрид, се до организирањето на предвремени локални избори за градоначалник. – вели Кирил Пецаков, координатор на советничката група на ВМРО ДПМНЕ во советот на Општина Охрид.

Една недела по ненадејната смрт на градоначалникот Јован Стојаноски, кој почина на 48 годишна возраст од инфаркт, во Охрид се уште се чувствува траорна атмосфера. Општината ги откажа предвидените манифестации за претстојните празници, вклучително и дочекот на Нова година, па останува на хотелиерите и угостителите да ги анимираат туристите.

Јавноста треба да не разбере дека нам во општината не ни е до славење. Но сите оние кои живеат од туризмот, кои живеат од гостите, ќе си чинат и ќе си прават како што ним најмногу им одговара, но потенцирам дека локалната самоуправа нема да биде активен учесник во таквите манифестации. – истакна Томе Џамтовски, портпарол на Општина Охрид.

Според најавите Охрид ќе биде полн за новогодишните празници, во најголем дел со гости од соседните земји, најмногу од Бугарија и Србија.

Г. Момироски