Визијата за засилен локален развој и подобрување на финансискиот капацитет на општините е основа на реформата која е преточена во закон кој во моментов е во собраниска процедура со кој се унапредува фискалната децентрализација. Реформата се состои од три главни столба и поразбира: зголемување на фискалниот капацитет на општините и на нивните приходи; зголемување на финансиската дисциплина на општините, намалување на долговите и домаќинско работење и зголемена транспарентност и отчетност.
Ова го истакна министерот за финансии Фатмир Бесими на потпишувањето меморандуми за соработка со втората група 24 нови партнер-општини во рамки на Проектот на УСАИД за зајакнување на капацитетите за искористување на ресурсите.
Визијата за засилен локален развој и подобрување на финансискиот капацитет како основа на оваа реформа ја преточивме во закон кој во моментов е во собраниска процедура. Предлог законот предвидува повеќе средства за општините. Имено, општините сега, согласно закон, добиваат 2,8 милијарди денари преку дотација од ДДВ и преку данокот на личен доход, а со новите предлог законски измени се предвидува овие средства постепено да се искачат на 5,2 милијарди денари во 2024 година. Така сегашните 3% предвидени приходи за општините од данокот на личен доход постепено ќе се зголемуваат од 4 проценти во 2022, 5 проценти во 2023 на 6 проценти во 2024 година. Воедно постепено зголемување ќе има и кај стапката на дотација од ДДВ, од сегашните 4,5%, на 5% во 2022, 5,5% во 2023 година, при што во 2024 година стапката на дотација од ДДВ ќе изнесува 6 проценти, рече Бесими.
Средствата од дополнителното зголемување на процентот на ДДВ за општините ќе се распределуваат во два нови фонда – Фонд за перформанси (успешност) ќе ги награди општините што имаат подобра наплата на локалните приходи и Фонд за воедначување кој што ќе делува во насока на намалување на разликите согласно фискалниот капацитет на општините.
Амбасадорката на САД Кејт Мари Брнз истакна дека како наш стратешки партнер Владата на САД продолжува во поддршката на напорите на земјата кон градење на поуспешна и стабилна демократија која е цврсто интегрирана во Европа и евроатлантските институции.
Заеднички работиме на унапредување на процесот на децентрализација, доброто управување, владеење на правото и реформите за спречување на корупцијата што се неопходни за исполнување на постигнување на споменатата интеграција и подобар животен стандард на граѓаните на Северна Македонија. Клучен аспект на реформскиот процес е создавање на ефикасни и ефективни владини институции и на локално и на национално ниво. Ова вклучува зголемување на капацитетите на локално ниво за прибирање и самостојно управување со ресурсите со цел обезбедување на подобри услуги за граѓаните, рече Брнз.
Партнерството во проектот, додаде таа, значително може да ја намали ранливоста кон корупцијата и креирање и зајакнување на ефективни, отчетни и транспарентни системи коишто овозможуваат обезбедување на квалитетни услуги од страна на општините.
Заменик министерот за локална самоуправа Зоран Димитровски нагласи дека овој проект доаѓа во вистинско време и се спроведува паралелно со активностите на Владата за продолжување на процесот на децентрализација.
Со процесот на децентрализација општините добија сопствени избори на финансирање, пред се, од Данокот на имот, од персоналниот данок и од локалните такси. После речиси две децении без никаков изговор се надеваме дека општините ќе покажат капацитет на оставрување максимални ефекти од управувањата со овие средства. Дијалогот меѓу централната и локалната власт за поголеми извори за финансирање на општините е вечен. Оваа Влада направи прв поголем исчекор со зголемување на приходите на општините од данокот на додадена вредност и од персоналниот данок кои постепено ќе растат во наредните неколу години. Но, исто така, децентрализацијата на власта значи и децентрализација на одговороностите. Наша заложба е дека Владата не може и не смее да биде во континуитет некаков донатор, односно да ги покрива долговите на општините, нагласи Димитровски.
Со проектот на УСАИД во првата фаза од овој проект имаше 16, а сега уште 24 општини добиваат можност да се организират, да се екипираат и да изградат капацитети за вршење на работите за кои се задолжени според законот.
Новите партнер – општини со кои беа потпишани Меморандуми за соработка се Арачиново, Берово, Битола, Босилово, Брвеница, Виница, Град Скопје, Дебарца, Делчево, Демир Капија, Зрновци, Јагуновце, Кочани, Крива Паланка, Липково, Македонски Брод, Новаци, Ново Село, Охрид, Прилеп, Радовиш, Ранковце, Ресен и Теарце.
OhridNews