59.3% е опфататот на вакцинирано население во Охрид според последните податоци на Министерството за здравство. Бројот на смртни случаи во Охрид е 8.

Министерството за здравство информира дека за време на четвртиот ковид бран, во период од јули до крајот на август, епидемиолошките анализи покажуваат дека најголема смртност кај пациенти со ковид имало во градовите каде имало најнизок процент на вакцинирано население.

Во градовите кадешто процентот на опфат со вакцинација е поголем, бројот на починати е најмал, односно има по еден починат. Тетово, го пречека бранот само со 19% опфат на вакцинирани граѓани во јули, таму имаше најголем притисок врз болниците, најголем број хоспитализирани пациенти и најголем број смртни случаи, 106 до крај на август. Последните недели драстично е зголемен интересот за вакцинација во Тетово и изнесува скоро 37%. Слична е состојбата и во Гостивар каде исто така имаше мал опфат на вакцинирано население, односно до крајот на август изнесуваше под 30%, а бројот на починати со ковид е 73, велат од Министерството.

Од Министерството додаваат дека целта е да се победи вирусот, а тоа ќе се постигне само со масовна имунизација на целокупното население.

OhridNews