Фудбалерите на Охрид, го скршија мразот и го запишаа првиот бод на табелата во второлигашката конкуреција ремизирајќи со 0-0 на домашен терен со Лабуништа во шестата рунда од првенството.
„Рибарите“, во локалното дерби добро се претставија во добро светло и му парираа на локалниот ривал кој во мечот и општо сезонава влезе со големи амбиции.
Први се заканаа гостите во 8-та минута. Обидот од далечина на Михајло Јакимоски во надворешниот дел од мрежата на охридскиот состав. Најзрелата прилика во првите 45 минути ја имаа охриѓани. Во 20-та минута гостинскиот голман згреши а ударот на Александар Ѓорѓиески од гол линијата го расчисти Самед Кадриоски.
Во последните мигови од првото полувреме, охриѓани одново се заканаа но не успеаја да го отворат резултатот. Клечкароски прецизно биеше од слободен удар а на место беше гостинскиот голман кој исфрли во корнер.
Тактичкото надмудрување на двете екипи продолжи и на стартот од второто полувреме кога во главно се играше на средината од теренот.
Првата прилика ја имаа охриѓани. Дефанзивецот Мартин Лекоски највисок беше во скокот после центаршутот на Ромео Кочоски од корнер и биеше за малку над голот.
Од средината на полувремето, гостите ја презедоа иницијативата и почнаа да го притискаат домашниот состав. Плодот од теренската доминација дојде во 69-та минута кога Јакимоски одлично побегна од офсајд позиција и само поради добрата и пред се навремената интервенција на домашниот голман Даниел Котески остана почетниот резултат.
Во последните петнаесеттина минути од дербито заморот ги стигна фудбалерите, темпото на игра опадна и двете екипи се задоволија со поделбата на бодови.
Во седмата рунда, Охрид гостува кај тимот на Вардар Форино додека Лабуништа на домашен терен го пречекува Гостивар.
Мх.П.