Комедијата „ На два стола“ во изведба на прилепскиот народен театар „Војдан Чернодрински“, а во режија на Коле Ангеловски ќе го отвори Првиот меѓународен театарски фестивал  на комедијата „Охрид Арт фестивал“ што ќе се одржува од 21 до 27 јуни годинава.
 
“ Со овој фестивал сакаме да ја продолжиме туристичката сезона во Охрид, но и да го воздигнеме културниот дух кај граѓаните и туристите“, соопшти денеска на прес-конференција, Зоран Стрезоски, член на Организациониот одбор на фестивалот. Тој најави дека во иднина, фестивалот ќе прерасне во традиција и ќе се одржува секоја година во истиот термин.


Според директорката на Центарот за култура „ Григор Прличев“ каде што ќе се играат претставите, Драгана Боцевска, идејата за фестивалот била прифатена со воодушевување, а поддршката доаѓа и од Министерството за култура.

„ Се одлучивме за комедии зашто мислиме дека на народот му е доста од црно, треба малку да се насмее, да се забавува, но и културно да се воздигне“,  изјави денеска Зоран Кумев, кој како човек што работи на филмот е дел од Организациониот одбор на фестивалот.

 
Покрај комедијата „ На два стола “, публиката ќе има можност да ужива во комичните елементи на претставите „Покондирена тиква“ во изведба на театарот „ Бора Станковиќ “ од Врање, Србија и  „ Хотел Бабилон“ што ќе ја игра автономниот театар од Словенија. На фестивалскиот репертоар се и комедиите „ Сонлив нагон“ на Црногорскиот кралски театар „ Зетски дом“, како и „ Љубовта е посилна од мечот“, што ќе ја играат актерите од театарот „Вировитица“ од Хрватска.

Организатори на „ Охрид Арт Фестивал “ се Групацијата ЕРА, Скопски саем и Младинскиот културен центар од Охрид. Фестивалот е финансиски поддржан од охридските туристички работници, а меѓу медиумските покровители е и Ohridnews.

Александра Ристоска