За потребите на пациентите во охридската Општа болница и Специјализираната болница „Св.Еразмо“, наскоро ќе биде набавен апарат за Магнетна резонанца, најави министерот за здравство Венко Филипче при денешната посета на Охрид.

За период од две недели ќе почне постапката за набавка на апаратот кој ќе биде прв во охридскиот регион.

  • Направивме информација до Владата со која обезбедивме средства од развојниот буџет на министерството за здравство за набавка на апарат за магнетна резонанца во болниците во Охрид, Гостивар и Прилеп. Во периодот кој следи, не повеќе од две недели, ќе ја започнеме постапката. Ги одбравме овие центри врз основ на направена анализа на бројот на пациенти кои имале потреба од снимање на магнетна резонанца, а кои досега доаѓаа во Скопје, со што значително се зголемуваше бројот на пациенти и мораше да се чека доста време. Ваков апарат Охрид требаше досега да има, затоа што станува збор за неопходна опрема во здравствените институции, рече министерот Филипче.

Освен набавка на потребната опрема, директорка на Општата болница, Славица Малеска Стојадиновиќ, потенцира дека се прават напори да се обезбеди и потребниот персонал во болницата.

Во 2018 година примени се околу 20 здравствени работници. Во 2019 почна конкурс за нови вработувања како за помошно технички персонал, така и за лекари. Така да постепено го зголемуваме персоналот и ги отстрануваме недостатоците кои ги затекнавме во работењето. Почната е и тендерска постапка за поправка на лифтот во интерното одделение и очекувам овој проблем наскоро да се реши, изјави директорката Малеска-Стојадиновиќ.

Од министерството за здравство потенцираат дека активностите за зајакнување на капацитетите во охридската болница продолжуваат и во наредниот период, бидејќи Охрид е значаен центар во здравствениот систем во Македонија.

Т.К.