Охриѓани кои патат од хронични бубрежни проблеми и редовно одат на дијализна терапија во иднина нема да мораат да патуваат до Струга за да добијат ваков лекарски третман, бидејќи и во Охрид ќе биде отворен Центар за дијализа. Ова го најавуваат од Приватната здравствена установа ,,Систина Нефроплус’’, која го доби тендерот за концесија за центрите за дијализа во западниот и централниот регион на Република Македонија.
-Покрај постоечки центри за дијализа во градовите Тетово, Гостивар, Дебар, Струга, Битола, Прилеп, Кавадарци и Велес во наредниот период за прв пат во Македонија ќе се отворат уште два нови центри за дијализа во Кичево и во Охрид, со што конечно ќе биде решен повеќе деценискиот проблем за пациентите од овие градови, кои за дијализниот третман, мораа да патуваат и сеуште патуваат три пати неделно до Центарот за дијализа во Струга, изјави за OhridNews, М-р д-р Гордана Ѓорѓиевска, директор на ,,Систина Нефроплус’’.
Од Охридската Општа болница не информираа дека иако имаат неофицијални информации дека постои план за отворање на Центар за дијализа во Охрид, до сега не добиле никакво официјално соопштение или најава.
-Не сме официјално информирани за деталите околу овие планови, па затоа не би можеле да кажеме ништо конкретно. Во рамки на Охридската болница Центар за дијализа не функционира повеќе од 20 години. Доколку би се отворил ваков центар ќе им се олесни третманот на голем број пациенти кои редовно одат на дијализа во Струга, вели д-р Сашо Василевски, потпарол на Општата Болница во Охрид.
Инаку ,,Систина Нефроплус’’ од први јануари 2014 година под своја ингеренција треба да го земе и Центарот за дијализа кој функционира во рамки на Заводот за нефрологија во Струга.
-Бидејќи се работи за проект од Јавно-Приватно Партнерство, заедно со Министерството за здравство ги решаваме тековните административни работи за превземање на ингеренциите како избран концесионер во двата региона за кои ја добивме концесијата. Согласно нашите обврски од тендерот, како концесионер во рок од една година од потпишување на договорот за концесија, имаме обврска условите во дијализните центри и дијализниот третман да ги подигнеме на европско ниво и да создадеме подобри услови за пациентите, вработените и заедницата, потенцираат од ,,Систина Нефроплус”.
Директорот на Заводот за нефрологија од Струга, д-р Сами Мена во телефонски разговор ни потврди дека постапката за преземање на просторот и апаратурата на центарот е во тек, но сеуште не бил утврден бројот на вработени кои ќе бидат отстaпени на новиот сопственик.
-Сеуште не е утврден бројот на вработени кои ќе преминат кај концесионерот. Нашиот завод има вкупно 200 вработени, па се очекува околу 30 вработени кои работат во Центарот за дијализа да преминат кај концесионерот. Секако тоа е оставено на слободната воља на вработените, кои доколку не сакаат да преминат кај концесионерот ќе ги распределиме на друго работно место во рамки на Заводот за нефрологија, објаснува д-р Мена.
Тој се надева дека концесионерот на Центарот за дијализа во Струга ќе понуди подобри услови за пациентите и дека ќе донесе подобра опрема за дијализа.
Е.М