Голема акција за чистење на Охрид и околината ќе биде спроведена утре по повод Денот на екологијата 21. март. Во акцијата што ја организарира ЈП „Охридски Комуналец“ во соработка со локалната самоуправа и средните и основни училишта ќе бидат опфатени повеќе локации во градот. Ќе се чистат плажите од Свети Стефан до Пештани, боровата шума во стариот дел на градот и Самоиловата тврдина, делот од реката Грашница до Даљан, каналот Студенчишта и Билjанините извори, информираше денеска директорот на „Комуналец“ Боро Павлоски.


Охрид ќе светне по повод денот на екологијата

Во акцијата ќе бидат вклучени околу 1000 ученици кои ќе бидат организирани од вработените во Комуналец на повеќе пунктови. Исто така во соработка со Македонија пат ќе се чисти и дел од патот на влезот во Охрид  до клучката. Павлоски најави дека во наредниот период се планира уште една акција за чистење на магистралниот пат Охрид – Св. Наум од отпад, а ќе се чисти i просторот од селото Љубаништа до реката Черава.

Големата еколошка акција започнува утре во 8 часот, а во неа  можат да учествуваат и  граѓаните на Охрид, велат организаторите.

Во акцијата ќе се вклучат и членовите на градскиот Совет и новинарите. Советниците ќе учествуваат во чистењето на делот од кејот пред х. „Палас“ каде и ќе засадат повеќе дрвца. На овој начин Советот и општината симболично ќе се вклучат во акцијата, рече претседателот на Советот, Владо Чингоски. Тој рече дека Советот во изминатите три години донел голем број одлуки, заклучоци и декларации  со кои се бара од државните органи да се зголеми грижата за Охридското Езеро и Охрид, со што дал конкретен придонес во зачувувањето на животната средина. Сепак рече Чингоски добро е оваа акција да трае преку целата година, а не само еден ден.

Во акцијата по повод денот на екологијата ќе се вклучат и новинарите кои ќе засадат повеќе дрвца  во зелениот појас од патниот правец Охрид- Св. Стефан.

ohridnews