Градоначалникот Никола Бакрачески, денеска имаше офицјална средба со амбасадорката на Германија во Република Македонија Кристине Алтхаузер. На средбата се разговарало за продлабочување на досегашната соработка, реализираните и проектите за идниот период кои се поддржани од германската амбасада.

-Искрено и благодарам на амбасадорката Алтхаузер за посетата на Охрид и за поддршката што нивната амбасада ја дава за развојот на Охрид. Започнавме со проектот за обнова и реконструкција на детското игралиште кај каналот Студенчишта, со одобрување на нивни грант од речиси 8 илјади евра. Реконструкцијата се одвива со забрзана динамика и очекуваме игралиштето да биде реконструирано до средината на идниот месец.Претходно благодарение на донација од германската амбасада ги реконструиравме каптажите и главниот резервоар во селото Куратица , со што видно се подобри водоснабдувањето на оваа населба- изјави по средбата градоначалникот Бакрачески. Тој додаде дека на средбата станало збор и за соработка во областа на образованието, туризмот,а особено во бизнис секторот. 

Амбасадорката на Германија во Република Македонија Кристине Алтхаузер, вети дека и во иднина ќе се реализираат заеднички проекти, со посебен акцент на економската соработка.

– Денеска дојдов на почетокот на изградбата на фабриката на германската фирма ОДВ-Електрик, во технолошко индустриската развојна зона ,што се наоѓа во близината на Охрид и многу сум среќна што ќе се реализира оваа инвестиција, со која се внесува модерна технологија и се отвораат нови работни места. Тоа е крупен зафат и искрено се надевам дека ќе имаме вакви големи инвестиции во повеќе области на економскиот развој на Охрид и Република Македонија- изјави Алтхаузер.

На средбата, како што беше соопштено, градоначалникот Бакрачески и амбасадорката Алтхаузер, покренале иницијатива за збратимување на Охрид со град од Германија.

OhridNews