Во понеделник 18 декември ќе започне новогодишното украсување на Охрид. Тендерската процедура е завршена, а украсувањето ќе го вршат  фирмите “Линк“- медиа од Скопје и “Дрита“ од Гостивар кои беа единствени пријавени на конкурсот, ни изјави претседателот на Комисијата за тендери  Симон Ѓурчев.

Ќе се украсуваат булеварите “Македонски Просветители“ и “Туристичка“ кејот “Маршал Тито“ до пресекот со улицата “Јане Сандански“, парковите и двата плоштади во центарот. Новина годинава ќе биде тоа што старата чаршија ќе биде украсена со „ѕвездено небо“  вели Ѓурчев кој најави дека Охрид ќе светне во новогодишно руво до крајот на наредната недела.
 
Финансиската конструкција е затворена, но општината очекува со спонзорства во украсувањето на градот да се вклучат хотелиерите и дуќанџиите. Единствена дилема засега е каде да се постави новогодишната елка, на плоштадот или во паркот во центарот на градот.