Охрид ќе се развива како препознатлива туристичка дестинација во рамки на 4 годишната програма од Проектот „IME“ кој е финансиран од фондацијата „Swisscontact“ од Швајцарија.

За таа цел Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот на Република Македонија заедно со претставници од Проектот „IME“ (Increasing Market Employability) деновиве одржаа  средба  со претставници од општина Охрид, туристичкиот кластер, локалната туристичка комора, туристички агенции, туроператори и од представници од хотелиерската  асоцијација – ХОТАМ.

-Меѓу активностите кои ги реализираме многу значаен сегмент е и постојаната комуникација со туристичкото стопанство. Остваривме контакт во Охрид токму со нив и разговаравме за проектот за развивање на Охрид како позната туристичка дестинација, кој пак е во соработка со фондацијата „Swisscotact“. На состанокот беше разгледана и можноста за претставување на Охрид, Македонија и регионот на Меѓународната конференција за активен туризам која ќе се оддржи во мај 2016 година во Охрид, изјави Кристијан Џамбазовски, директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот.

Овој проект има за цел да ги зголеми можностите за пристојно вработување и да  ги зголеми приходите за младите, да обезбеди развој на секторот и зголемен раст на компаниите, преку пристап до нови пазари, едукација и подобрување на вештините во секторот, но и  подобрување на регулаторната политика за раст на компаниите од приватниот сектор.

Во годишниот план на Проектот „IME“ е најавена поддршка на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот која заедно со УСАИД  е организатор на големиот туристички настан – Adventure Next Balkans, кој ќе се одржи догодина.

OhridNews