Општина Охрид и Програмата за зголемување на пазарната вработливост- ИМЕ , претставувана од имплементаторот Свисконтакт, потпишаа четири годишен меморандум за соработка во кој се содржани рамките на помошта од швајцарската влада за развој на туризмт во Охрид.
ИМЕ програмата, финансирана од швајцарската агенција за развој и соработка, ќе се фокусира на развој на конференциски и авантуристички туризам во Охрид и на тој начин ќе се обиде да привлече повеќе туристи и да обезбеди нивен подолг престој.
– Со помош на програмата ИМЕ се воспоставени контакти со најважните тур- оператори од Швајцарија со цел да се зголеми бројот на странски туристи кои престојуваат во Охрид. Владата на Швајцарија исто така ќе ја подржи и првата регионална конференција за авантуристички туризам која ќе се одржи во Охрид во мај 2016. Во тој период Охрид ќе биде место каде ќе се сретнат над 300 најважни тур- оператори од целиот свет и ќе претставува одлична можност за промоција на Охрид и склучување на договори за соработка, истакна при потпишувањето на меморандумот Амбасадорот на Швајцарија во РМ, Стефано Лазарото.
Како што потенцира градоначалникот Никола Бакрачески, крајната визија на ваквата соработка треба да биде целосно искористување на богатите културни и природни ресурси на охридскиот регион како туристичка дестинација.
– Со документот што го потпишавме предвидена е активна соработка на Универзитетот „ Св. Климент Охридски“ од Битола, односно Факултетот за туризам и угостителство од Охрид со Универзитетот Сент Гален од Швајцарија , во временскиот период до април 2019 и формирање на тело кое ќе ја координира локалната работна група за подготовка за дестинациски менаџмент, рече градоначалникот Бакрачески.
Со техничка и финансиска помош во координација со секторот за туризам и локален економски развој ќе биде изработена стратегија за развој на туризмот на општина Охрид, како и безбедносен план за туристичка дестинација , а ќе бидат вршени и стражувања на ставовите од туристите од престојот во Охрид кои ќе бидат основа за континуирани активности за брзо надминување на забелешките.
OhridNews