Општинскиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата-Охрид активно ќе се вклучи во Републичката кампања „Подобрување на безбедноста на велосипедистите во сообраќајот“ што со низа манифестации се реализира секоја година. Кампањата е во рамките на проектот на Владата на Република Македонија за подобрување на безбедноста на сообраќајот на патиштата „Почитувај ги правилата-почитувај го животот“.
Целта на оваа кампања е промоција на велосипедизмот, подобрување на условите и можностите за развој на велосипедизмот како форма на сообраќај, подобрување на безбедноста на велосипедистите во сообраќајот и подигнување на јавната свест за поголема безбедност на велосипедистите како ранлива категорија учесници во сообраќајот.
За успешно спроведување на кампањата во општина Охрид, предвидено е велосипедско дефиле во кое, учество ќе земат велосипедските клубови од Охрид, велосипедската полициска патрола при СВР Охрид, велосипедисти од школските центри како и граѓани-вљубеници во велосипедизмот.
Дефилето ќе се одржи утре, 2-ри јуни во 11 часот и 30 минути. Ќе започне од пред платото на Домот на културата на кеј „Македонија“, а потоа по кејот кон хотел „Гарден“ ќе се вози по булеварот „АСНОМ“ до пресекот со „Партизанска“, кон Комерцијална банка и по улицата „Јане Сандански“ кон гимназијата „Св.Климент Охридски“. Тука, пред семафорите ќе се скршнува по „Димитар Влахов“ према централното градско подрачје и на пресекот со „Македонски просветители“ повторно кон домот на културата „Григор Прличев“ на кеј „Македонија“.
OhridNews