Делегација на општина Охрид предводена од градоначалникот, Никола Бакрачески, ќе учествува  на Шестото издание на Фестивалот на европските езера кој ќе се одржува во Исео, Италија од 29-ти мај до 2-ри јуни 2015 година. Охрид ќе биде дел и од вториот глобален состанок на членките на Европската мрежа на езера што на 30-ти мај се одржува во овој италијански град

-Фестивалот на европските езера годинава ќе трае четири дена и во него ќе бидат промовирани 50 различни настани кои се однесуваат на различни аспекти на живеењето на езерата. Во рамки на фестивалот ќе има музички концерти, изложби на фотографии, како и дегустација на традиционални јадења од Исео Италија, како и други региони, објасни Антонио Балески од Секторот за туризам и локален економски развој при општина Охрид.

Тој нагласи дека како резултат на унапредувањето на соработката на општина Охрид со Европската мрежа на езера е создаден и европскиот музички проект „Оркестар на 100 млади музичари“, кој се реализара во соработка со Музичкото училиште „Методи Патче” од Охрид.

Директорката на ОМУ „Методи Патче“, Нина Момироска истакна дека е гордост да се учествува и да се биде дел од втората фаза од овој проект, која ќе биде реализирана со концерт во Милано на 6-ти јуни годинава, на кој Охрид ќе го претстават тројца млади музички таленти.     

-Навистина е чест да се биде дел од овој проект. Во него се опфатени 100 музички таленти од Европа, поточно од четири музички училишта. Нашето основно музичко училиште „Методи Патче“ од Охрид е единствен претставник од Македонија. На концертот ќе  настапат и ученици од училиштето „Јосип Словенски“ од Белград, музичката школа „До ре ми“ од Блед и музичката школа „Де гарде“ од  Италија. Проектот започна со музички камп во Белград во 2014 година. На 6-јуни годинава нашите ученици, младите виолинисти, Даниел Мојсоски, Александар Грунчески и Бајрам Рамаданоски ќе настапат на концерт во Милано, истакна  директорката Момироска.

Таа објасни дека според планираното,  овој проект ќе продолжи во месец август 2015 година. 

OhridNews