Во Охрид ќе се гради универзитет за уметности, најавија денеска градоначаникот, Александар Петрески и почесниот граѓанин на Охрид, Италијанецот, Винченцо Бјанки. Тие ги разгледаа можностите за реализација на оваа идеја.

„ Во Охрид сум за да ја реализираме мојата и идејата на градоначалникот Петрески за отварање Универзитет и музеј во Охрид.Овде е роден првиот универзитет, а овде ќе биде и првиот современ  универзитет од ваков вид. Ова е идеја како да се живее заедно со културата и уметноста“ подвлече Винченцо Бјанки.

 „ Постои голема можност со овој универзитет кој ќе биде од отворен тип да се срушат сите бариери. Сакаме на културата да и дадеме димензија да биде врска помеѓу сите нации и народи“, изјави Вико Винченцо, директор на универзитетот за телематика, присутен во 39 земји, кој заедно со професорот Ион Денконеску од романскиот универзитет во Крајова дојдоа во Охрид за да ја поддржат идејата.

„Седиштето на универзитетот е договорено да биде во старото училиште  „Свети Сава“ кое фирмата „Гранит “ ќе го отстапи на користење на општината. Планираме да се реновира старата зграда и да се изгради уште една во таков стил до неа“ рече градоначалникот Петрески и додаде дека местоположбата е соодветна за ваков универзитет, но таа, како што рече, била одбрана и од Винченцо Бјанки.

Петрески рече дека се прават напори, универзитетот да биде изграден во текот на годинава, а најави и дека паралено ќе се работи и на изградбата на музејот, за кој уметникот Бјанки веќе има донирано околу 300 уметнички дела кои привремено ќе бидат сместени во горниот кат на охридската гимназија.

A.Р