Советот на општина Охрид усвои Декларација за забрана за употреба на Генетски модифицирана храна-ГМО и одгледување на истата. Со тоа според предлагачот Охрид ќе им се придружи на над 4000 европски општини кои кажаа не на ГМО.
Декларацијата „НЕ за генетски инженеринг на нашите полиња“ ја поднесоа Македонското лимнолошко друштво во соработка со невладината ЕКО Свест. Според нив со интензивирање на биотехнолошките истражувања во лабораториски услови се врши манипулирање со генетскиот состав на организмите кои се користат за производство на храна. Во природата пак генетски модифицираните посеви стапуваат во интеракција со природната флора и фауна и ја уништуваат почвата, предупредуваат предлагачите на декларацијата. Тие објаснуваат дека консумирањето на генетски модифицирана храна може да е причина за појава на алергии кои можат да бидат отпорни на антибиотици.
Според Хавза Реџеп Каќел, од секторот за екологија и заштита на животната средина, со прогласувањето на Општина Охрид за слободна зона од генетски модифицирани организми има за цел:
– Да го изрази ставот на граѓаните на Охрид дека не се дозволува производство и продажба на ГМО производи.
-Да ги заштити граѓаните од недекларираната и опасна храна
-Да ги заштити автохтоните семиња во регионот
-Да ја промовира Општина Охрид како туристичко место, ослободена од ГМО и
-Да ја прифати препораката на ЕУ пред пристапувањето земјите да се воздржат од воведување ГМО во животната средина.
На овој начин вели Каќел Општина Охрид се приклучува на големиот број општини во Европа кои кажаа НЕ на ГМО, ќе се охрабрат и другите општини во Македонија да го сторат тоа, и најважно од се ќе се привлечат повеќе туристи од странство кои се заинтересирани за престој во зони ослободени од ГМО.
Претходно ваква декларација прифати Општина Велес.
Горан Момироски