Општина Охрид деновиве потпиша меморандум за соработка  со словенечката фирма „Comita“ d.d. – Kranj за изградба  на енергетски објект за производство на електрична енергија од обновливи извори (ветар, сончева енергија), на планината Галичица.

Меморандумот го потпишаа градоначалникот на Општината, Александар Петрески и претставникот на „Comita“ d.d. – Kranj, Данило Дураковиќ.


фото ohrid.gov

Со меморандумот за соработка прелиминарно се дефинираат задачите и целите на двете страни како што се изградба на неопходни помошни објекти и инфраструктура неопходни за функционирање на енергетскиот објект, и развојот на системот за користење на обновливи извори на енергија на територија на Општина Охрид, соопшти општинската прес служба.

Во поново  време светски тренд е изградба на капацитети  за производство на електрична енергија од обновливи извори кои се сметаат за мошне исплатлива инвестиција. За разлика од поразвиените земји, државите од регионот меѓу кои и Македонија многу малку ги користат обновливите извори на енергија. Македонија енергетски е увозно зависна земја и секоја изградба на нов капацитет за производство на енергија, било да е тоа и со помал капацитет каккви што се малите електрани кои работат на  обновливи извори, е добредојдена сметат експертите.

Сличен проект неодамна најави и МЈП „Проаква“ кое планира изградба на повеќе мали хидроелектрани на реки и извори во охридско. Оттаму сметаат дека водните ресурси на територијата на општина Охрид имаат голем електро -потенцијал кој многу малку или воопшто не е искористен.

Г. Момироски