Општина Охрид и Заводот за кардиоваскуларни заболувања во недела на 4-ти октомври 2015 година со низа активности ќе се вклучат во одбележувањето на Светскиот ден на срцето. Централниот настан ќе се одржи на градскиот плоштад „Св. Климент Охридски“ каде во период од 9 до 13 часот во поставениот шатор, доктори од Заводот за кардиоваскуларни заболувања ќе им го мерат крвниот притисок, ќе прават ЕКГ и ќе даваат совети за здравјето на срцето на сите заинтересирани охриѓани.
Светскиот ден на срцето има за цел да ја направи што подостапна информацијата дека срцевите заболувања и мозочните удари се водечка причина за смртност во светот и се одговорни за 17,3 милиони изгубени животи годишно. Секоја година одбележувањето на овој ден има ралично мото кое рефлектира клучни прашања и теми поврзани со здравјето на срцето. Годинашното мото е „Создавања на околина за здраво срце“. Пораката е дека местата во кои живееме, работиме, се забавуваме не треба да ги зголемуваат ризиците за кардиоваскуларни заболувања.
Заводот за кардиоваскуларни заболувања е првата здравствена институција која пред повеќе години се вклучи во одбележувањето на овој ден, а трета година по ред активностите ги спроведува во соработка со општина Охрид.
OhridNews